Во просек, повеќето возрасни лица трепкаат еднаш на секои три до пет секунди, нешто што помага очите да се одржуваат влажни и чисти. Во некои случаи, премногу или премалку трепкање може да навести низа здравствени проблеми, од алергии и имунолошки нарушувања, до Паркинсонова болест.
Паркинсонова болест
Неколку студии откриле дека стапката на трепкање ја одразува количината на допамин во мозокот. Колку помалку допамин имаме, толку повеќе се фиксираме на една тема и трепкаме поретко. Луѓето со Паркинсонова болест немаат доволно хемиски допамин во мозокот бидејќи некои од нервните клетки што го создаваат престанале да работат.
Ова може да предизвика симптоми како што се побавно трепкање и треперење на рацете. Има над 40 симптоми кои се припишуваат на состојбата, но трите главни се бавно движење и вкочанетост на мускулите. Постојат неколку различни третмани и терапии за справување со оваа состојба.
Гравесова болест
Помалку често трепкање може да биде знак за Гравесова болест, нарушување на имунолошкиот систем што доведува до хиперпродукција на тироидни хормони (хипертироидизам).
Автоимуната состојба ја зголемува метаболичката стапка на телото, што доведува до губење на тежината и пад на нивото на енергија. Други вообичаени знаци на болеста се анксиозност, тремор, чувствителност на топлина и неправилни отчукувања на срцето. Околу една третина од пациентите со ваква болест развиваат и проблеми со очите, познати како очна болест на тироидната жлезда. Тоа може да предизвика испакнување на очните јаболка, повлекувајќи ги очните капаци. Ова доведува до поретко трепкање бидејќи очните капаци се премногу затегнати.
Сепак, недоволното трепкање може да предизвика сушење и оштетување на рожницата на окото. Во тешки случаи, може да предизвика лузни на рожницата, поради недостиг на заштита. Болеста не може да се излекува, но се третира терапевтски или со операција за отстранување на тироидната жлезда или дел од неа.
Мозочен удар
Други невролошки состојби покрај Паркинсоновата болест, како што е мозочниот удар, може да ја забават нормалната стапка на трепкање. Тоа е затоа што нервите на очните капаци, фацијалниот нерв или мускулите на очните капаци, се оштетени.
Мозочниот удар е мозочен напад опасен за живот кој се случува кога ќе се прекине снабдувањето со крв во дел од мозокот - без крв, клетките во вашиот мозок може да бидат убиени или оштетени. Симптомите на мозочен удар вклучуваат нејасен говор, вкочанетост, слабост или парализа на лицето, раката или ногата.
Повреда на главата
Побавното трепкање е поврзано и со повреди на главата, особено кај спортистите.
Сјогренов синдром
Од друга страна, честото трепкање може да биде знак на замор кога се обидувате да извршите тешка задача, како што е возењето додека сте поспани. Прекумерното трепкање може да се случи кога вашето тело се обидува да ја компензира болеста на суво око, што може да се појави поради неколку причини.
Една од нив е Сјогреновиот синдром – автоимуна болест која предизвикува широко распространета сувост на делови од телото кои произведуваат течности, како солзи и плунка. Сувите очи може да предизвикаат чешање или печење, што доведува до зголемено трепкање. Обично започнува кај луѓе на возраст меѓу 40 и 60 години и е многу почеста појава кај жените отколку кај мажите.
Алергии и инфекции
Алергиите, исто така, може да ја зголемат фреквенцијата на трепкање. Полен, прашина, шминка - се само некои алергени кои можат да предизвикаат алергиска реакција. Кога е изложено, телото понекогаш реагира со ослободување на хистамин во очите. Ова предизвикува крвните садови во окото да се протегаат и да се зголемат. Тоа може да ги направи вашите очи црвени и да предизвика чешање, како и пецкање. Очите можат да бидат влажни и отечени.
Туретов синдром
Честото трепкање може да биде и моторен тик поврзан со Туретовиот синдром. Моторните тикови се ненадејни, неконтролирани движења како што се прекумерно или постојано трепкање. Причината за Туретовиот синдром е непозната, но се смета дека е поврзана со проблеми со дел од мозокот наречен базални ганглии.
Извор: Klix.ba
Фото: Freepik