Тие на децата им се обраќаат со почитување и со конзистентни очекувања. Зборовите се избираат внимателно и тоа така што да поттикнуваат независност и критичко размислување.
Една од добрите страни на ова учење е што тоа е повеќе од учење, тоа е начин да го гледате вашето дете и да бидете со него. Дури и ако тоа не посетува Монтесори-училиште, можете лесно да ја внесете таа идеја и во вашиот дом и да набљудувате како вашето дете ќе почне да развива самостојност и концентрација.
Еве седум реченици што ќе ги чуете во секоја
Монтесори-училница и кои можете и вие да ги користите во вашиот дом:
1. „Гледам дека вредно работиш.“
Фокусирањето на процесот, а не на крајниот производ е клучот во Монтесори-едукацијата. Се избегнува пофалувањето на децата со реченици како „одлично го направи тоа“ или „тоа изгледа феноменално“ наместо да се зборува за тоа колку биле концентрирани во работењето долго време или колку внимателно пишувале, па така нивната задача може секој убаво да ја разбере.
Фалете ја напорната работа на детето, а не резултатите од тој труд. Помогнете му да воспостави позитивно размислување за можностите за подобрување на сопствениот труд.
2. „Што мислиш за својата работа?“
Во Монтесори-наставата детето е учител сам на себе. Учителите се тука само како водачи, да одржат предавање и да помогнат, но детето само ги открива работите и појавите преку грижливо избрано опкружување и материјали.
Самоанализата на сопствената работа е дел од учењето.
Ако детето ве праша дали ви се допаѓа неговиот цртеж, наместо едноставно да кажете „да“, обидете се да го наведете разговорот околу деталите за кои размислувало додека цртало, прашајте го зошто ги избрало тие бои и кој дел најмногу му се допаѓа. Помогнете му на детето да почне самостојно да ја оценува својата работа наместо да бара потврда од другите.
3. „Каде можеш тоа да го пронајдеш?“
Самостојноста е уште една вредност што е застапена во секоја Монтесори-училница. Целта е децата да се научат на самостојна работа. И иако некогаш е полесно само да му се одговори на детето каде се наоѓа некој предмет или како може да се направи некоја работа, многу е подобро со прашање да се одговори на неговото прашање, како „Каде би можел да го најдеш тоа?“ или „Кој другар би можел да го замолиш за помош?“
Ако вашето дете ја изгубило влечката, а вие гледате дека таа се наѕира под креветот, обидете се да го наведете со прашања самото да ја најде, наместо едноставно да му ја додадете.
Со прашања како „Каде беше кога ти се изгуби влечката?“ или „Дали провери во својата соба?“ ќе го наведете детето само да преземе иницијатива наместо да ви се обраќа за помош.
4. „Како точно сакаш да ти помогнам?“
Во Монтесори-училниците децата се одговорни за многу работи, вклучително и за водење сметка за сопственото опкружување. Децата обично со гордост ги извршуваат своите задолженија, како што се аранжирањето цвеќе за масите, полевањето на градината, чистење на прозорците и на масите и слично.
Понекогаш има многу работа. Тогаш е добро да се праша детето дали можеме да му помогнеме. Притоа не сакаме да пратиме порака дека сметаме дека самото не е способно да ја направи работата, туку дека не сакаме премногу да го оптовариме.
На пример, ако детето е уморно за само да ги собере своите лего-коцки, можеме да му понудиме помош да собереме дел од играчките во определена боја (на пример, сините), а другите бои тоа да ги собере. Со тоа му давате на знаење дека заедно учествувате во таа ситуација.
5. „Во нашата училница ние...“ или „Во нашата куќа ние...“
Ова фраза често се употребува за да им се обрне внимание на децата на правилата и посакуваните однесувања што „важат“ во училницата или домот. Децата ќе бидат поподготвени за соработка ако користат фрази како потсетник во вид на изјави наместо команди или наредби.
Изјавата „Во нашата куќа се седи додека се јаде“ може да биде поделотворна од командата „Седи!“
Како и сите ние, и децата сакаат да бидат дел од заедницата, а ние само ги потсетуваме како функционира таа заедница.
6. „Не прекинувај го, се концентрира.“
Заштитата на детската концентрација е уште една важна работа во Монтесори-филозофијата. На часовите децата добиваат време за непрекината работа, обично и по три часа. Тоа им овозможува да постигнат длабока концентрација наместо да бидат прекинувани затоа што распоредот налага дека треба да се премине од една тема на друга.
Некогаш можеби ќе ви се чини соодветно да го пофалите детето дека убаво работи, но и со контакт со очите можете да му ја прекинете концентрацијата. Следниот пат кога ќе поминувате покрај детето кога е сосредоточено на цртање, обидете се да пројдете без да го фалите цртежот. Подоцна ќе можете да му кажете дека сте забележале дека било многу концентрирано додека го создавало своето уметничко дело.
7. Набљудувајте го детето
Оваа последна фраза е и најважна. Тоа е нешто што Монтесори-учителите го зборуваат меѓу себе, а не на децата. Постојано се потсетуваат еден со друг со реченицата „набљудувај го детето“ и веруваат дека секое дете работи нешто со причина и дека секое дете е на свое развојно ниво. Набљудувањето ќе ни укаже дека секое однесување има своја причина. Исто така, нè потсетува и на тоа дека секое дете нема да прооди до годината, и дека секое дете нема да научи да чита до својата четврта година.
Индивидуалното набљудување ќе ни овозможи да сфатиме дека секое дете е единствено, со индивидуални потреби, страсти и таленти, а во согласност со нив треба и да се насочува.
Ако вашето дете не е заинтересирано за читање, обидете се да дознаете што сака. Запомнете дека набљудувањето на вашето дете може да ви помогне да го видите на поинаков начин и да работите во согласност со тоа.