X
 12.09.2022 Живот

Климатските промени: доаѓа пекол за следните генерации (III дел)

Земјите во развој и земјите со забрзана економија (Кина и др.) што имаат над 80% од вкупното население во светот земаат сѐ поголем замав во индустрискиот развој. Тоа повлекува сѐ поголема потреба од енергија, а последиците ќе бидат повисоки емисии на стакленички гасови. Дали некој има право да го запре нивниот индустриски развој како што претходно имаа развиените земји (ЕУ и САД) во 19 и 20 век? Во овој поглед, принципот на еднаквост не постои. Меѓутоа, неразвиените земји не мора да го одат истиот пат на индустриски развој користејќи технологии со фосилни горива, туку веднаш треба да користат обновливи извори на енергија. Но за тоа се потребни пари и знаење, а богатите земји се должни да го овозможат тоа. За спроведување таков вид процес, потребен е и временски период од повеќе години.

Комплексноста на проблемот со климатските промени е оптоварена и со политика. Познато е дека САД не го ратификуваа Протоколот од Кјото (веќе истечен во 2012 година) со изговор дека ќе им пречи на нивната економија. Во времето на претседателот Доналд Трамп, САД имаа привремено повлекување од Парискиот климатски договор. На оваа променлива позиција треба да се додадат и следниве факти: САД се најголемиот производител на нафта и гас во светот, а емисиите на CO2 по жител се убедливо највисоки во САД, што може да се види во следнава табела:




Додека го подготвувам овој напис во овие неколку дена, гледам на телевизија вести, катастрофална поплава во Пакистан, земја со 220 милиони жители, 1/3 од територијата е под вода. А дали знаете колкаво е учеството на Пакистан во глобалното загревање? Емисиите на CO2 се 0,81 тони/жител. Споредете со вредностите прикажани во горната табела. Сиромашните земји се најчесто погодени од катастрофи предизвикани од климатските промени, а нивното учество во емисиите на стакленички гасови е многу мало.

Многу штети од катастрофални поплави, урагани, шумски пожари итн. се вреднуваат во УСД (или евра). Сепак, не може сите штети од климатските промени да се проценат или изразат во пари. На пример, колкава е цената на човечките животи изгубени во овие катастрофи? Истото прашање се однесува и на трајното исчезнување на разни видови животни и растенија итн.?

Минатата година (2021) започна енергетска криза, која по почетокот на војната во Украина се зголемува до непредвидливи размери. Сите земји преземаат некакви мерки да се совлада или ублажи кризата. Меѓу другото, речиси сите преземаат мерки за штедење на енергијата, значи намалување на потрошувачката, а со тоа би требало да се намалат емисиите на CO2. Од друга страна, иако минативе години беа затворени извесен број термоелектрани на јаглен, сега се прават напори за нивно реактивирање. А за оние што беа планирани да се затворат во следниве години, тоа нема да се случи, а со тоа би се зголемиле емисиите на CO2. Во оваа енергетска криза многу поважно за владите на земјите е како да обезбедат снабдување со енергија, а борбата со климатските промени е ставена во втор план. Во денешниов свет на воспоставено општествено, политичко и економско уредување (капитализам) економијата е поважна од сѐ друго.

Сè додека профитот има приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.

Потребна ни е радикална трансформација на процесите и однесувањето на сите нивоа во општеството: поединци, заедници, компании, институции и влади. Треба да го редефинираме нашиот начин на живот, односот кон животната средина, намалување на потрошувачката на енергија итн.

Бидејќи CO2 е многу стабилен гас, тој ќе трае во атмосферата уште многу стотици и илјади години, а тоа значи дека доаѓа пекол за следните генерации, а јавноста за ова не е доволно информирана. Зошто?

Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет - Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот