Овие неколку недели на сите телевизиски канали први вести се оние за пожарите во Македонија, и најчесто од терен се јавува Стојанче Ангелов. И тој и луѓето што учествуваат во гаснењето на пожарите заслужуваат големо признание, но треба да бидат и добро наградени.
Пожари има и во други земји, особено во оние од Јужна Европа, а невообичаено досега, пожари има и во Англија, Белгија итн. Покрај тоа, има големи суши кои предизвикаа рекордно ниски водостои на реките што влијае врз водниот транспорт и економијата во Европа, на смалени и/или прекини на работа на хидро и нуклеарни електроцентрали. Посебно внимание се обрнува на екстремно високите температури и топлинските бранови кои предизвикаа смрт на илјадници луѓе.
За сѐ што е спомнато погоре сите едногласно велат дека причината се климатските промени. Мал е просторот тука да се опишат сите штетни влијанија што тие ги прават врз природата и животот на луѓето. Иако климатските промени се споменуваат многу често, многу од луѓето не се упатени како тие настануваат и како може да се намалат и да се спречат. Понатаму, накратко е дадено објаснување за ова.
Климатските промени настануваат како резултат на човековите активности, особено со развојот и експанзијата на индустријата во последните 150 години, како и од начинот на живот на луѓето. Неконтролираното испуштање на отпадни гасови и разни синтетички соединија во атмосферата многу ја наруши природната рамнотежа со видливи и трајни последици. Најизразено нарушување е појавата на глобално загревање на Земјината површина, кое настанува со интензивирање на ефектот на стаклена градина. А како настанува тоа, објаснето е подолу.
Во составот на сончевото зрачење има инфрацрвено (топлинско) зрачење кое делумно се апсорбира од Земјината површина и атмосферата над неа, а останатиот дел се одбива и се враќа во вселената (лев дел на сликата). По одбивањето од Земјината површина се зголемува брановата должина на инфрацрвените зраци, тие стануваат помалку пробивни. Во атмосферата над Земјината површина има водена пара, облаци, јаглерод диоксид, ситните честички (наречени аеросоли) и други гасови кои дејствуваат како стаклен покрив така што „заробуваат” дел од топлинското зрачење (десен дел на сликата). Ова се нарекува ефект на стаклена градина (green house effect). Тоа е природна појава без која просечната температура на Земјината површина би била -15оС, односно 33оС пониска од постојната денес.
Ефект на стаклена градина
Ефектот на стаклена градина најдобро се согледува во оранжериите кои се направени од стакло, наречени стакленици, и затоа гасовите што учествуваат во создавањето на овој ефект се викаат стакленички гасови. Поради големите емисии на стакленички гасови, поголемиот дел од топлината од сончевото зрачење останува заробена, со што настанува глобално загревање на Земјата и атмосферата над неа.
Соодветните учества на стакленичките гасови во глобалното загревање изнесуваат:
Јаглерод диоксид (СО2): 76%
Метан (СН4): 16%
Азотен оксид (N2O): 6%
F-гасови (имаат флуор): 2%
Концентрации на стакленичките гасови во 2025 г. во однос на прединдустриската ера (1850 г.):
СО2: 426.4 ppm (покачено за 51%),
Метан: 1,934 ppm (покачено за 165%),
N2O: 0,337 ppm (покачено за 25%).
Покачена температура над Земјината површина на глобално ниво е 1,44°C, но тоа не е рамномерно по целата Земјина површина. На пример, во Јужна и Западна Европа е околу 2,5 °C.
По неколку дена ќе биде објавено продолжение.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје