X
 12.09.2026 Живот

Колумна: Интимата на Манасијески

Следејќи ја потребата да се означат сите ликовни настани во нашата земја, овој пат се осврнувам на отворањето на изложбата одржана во Охрид во галеријата Куќа на Уранија - МАНУ. Со изложбата под наслов „Уште една средба со светлината“ и со богатиот опус на претставените масла на платно, Јордан Манасијески (роден во Охрид 1948 година) се потврдува како пасиониран цртач на фигурата, пејзажот, мртвата природа, градските мотиви и емотивно-ликовната резонанција во интимните творечки побуди на поврзаноста со старата архитектура на градот Охрид како една континуирана ликовна преокупација. Тоа е уметник со страстен приод, со експресивност во потегот. Трансцедентален и метафизички инстинкт го води до слободно толкување на мотивот. Таа повеќедецениска посветеност во решавањето на делото говори за талентот на Манасијески, кој колку што е експресивен, фовистички и апстрактен, толку е и промислен, осмислен. На моменти постои тенденција пејзажот да биде појдовна точка за послободно движење на линијата и бојата. Всушност, самата употреба на боја, на силни колористички ефекти и партии иницира отклон кон правец на независна боја-сликарство, во однос на предметот што го обработува. Спонтан и независен во својата постапка, овој уметник креира извонредна колористичка хармонија, навлегувајќи во сè понепознати фантазерски сфери, во една галаксија на свој внатрешен микрокосмос осветлен од духовна убавина на природата и човекот.



Експресионизмот во сликите на Јордан Манасијески функционира по сите слоеви на бојата, цртежот, ритамот, драматичноста во ликовната и мисловната композиција. Работејќи со широк, експресивен потег во неговите пејзажи, старата архитектура и подоцнежните апстрактни композиции, бојата вибрира, таа е понемирна, го достигнува својот полн интензитет и чистота. Таа изгледа доминантна и интимна, често нанесена без употреба на четка, туку директно со шпакла без да ја изгуби смислата за декор, контура и орнамент. Ваквите творби се вообичаено блиски до гледачот, кои по малку се наивни, а сепак познати простори на невиност и бајка. На оваа поставка јасна е тенденцијата на авторот да ја поистовети светлината со бојата, впрочем, таа е неговото внатрешно битисување и чувствување, но и израз на чувството за типично македонското.
Силовитиот замав создава немирна, брановидна арабеска на звучен колорит, употребувајќи топли и студени тонови, но и пулсација на емотивен приод на занес и полет како мерило за успешност на насликаното дело што бараат да бидат непосредно изразени. Целата слика е напоена со некаква моментална интимна атмосфера, со заситена поетичност на треперливо темно-светол валер, навлегувајќи во сферата на сакралното. Кај Манасијески повеќе таа е изразена преку своевидна мистерија и возвишено чувство на бојата, мелодично развиената форма, просторот и светлината, отколку во религиозен контекст. На нему својствен начин создава асоцијативни, сензибилни доживувања на таинственото, користејќи непосредност и слобода на цртежот постигнува интересни моменти на флуидност. Во основа и натаму остануваат присутни контурата и стилизацијата на формата, само што бојата станува посуптилна, поинтензивна и пофлуидна така што го воопштува мотивот, а е и негов реален толкувач. Облагородувањето на бојата, напластувајќи ја во широк сликарски нерв и страсно исликување, како да го приближува до сопственото чувствување со карактеристично националното, особено во психолошка смисла, а тоа му успева и на ликовен план.
Овој спонтан ракопис како израз на внатрешни побуди и импулси, во својот сликарски аспект остава место за извесни асоцијации. Сензибилитетот на Јордан Манасијески се заснова на спонтана пиктурална медитација, организирана во неправилни боени површини, доведувајќи ја до космички акорди со неконтролирано барање на саканата боја и тон. Во уметниковиот асоцијативен свет се откриваат детали од човечки фигури или предмети кои го опкружуваат самиот уметник или се производ на неговата имагинација. Манасијески во повеќето платна успева да постигне хармонија и деликатни созвучја поникнати во интимата. Неговото творештво поседува поетска енигматичност и чувство за арабеска извлечена од немирното ткаење на боената површина.


Автор: Марија Стојческа, историчар на уметност

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот