X
 12.10.2020 Живот

Читањето фикција ја зголемува емпатијата

Дали светот би бил подобро место доколку луѓето читаа повеќе книги? Се разбира. Иако читањето нема да ги реши светските проблеми, може да го направи светот место во кое царува емпатијата.

Сè повеќе истражувања откриваат дека луѓето што читаат фикција  подобро ги разбираат чувствата на другите. Според Кит Оутли, романсиер и професор по когнитивна психологија на Универзитетот во Торонто, книжевната фикција во суштина е истражување на човековите искуства. Со читањето фикција се добива поглед во чувствата и искуствата на повеќе различни луѓе, а со тоа полесно се разбираат разликите меѓу нив.

Психолозите покажале дека емпатијата е вродена бидејќи ја покажуваат дури и бебињата. Некои луѓе природно се поемпатични од другите, но повеќето стануваат емпатични со стареењето. Емпатијата може да се поттикне со запознавање на другите, ставањето во нивна кожа и предизвикување на сопствените пристрасности. Приказните, особено оние фиктивните, се друг начин.


Фото: Pixabay

Со читањето се овозможува пренесување во умот на друг лик, а ова може да го изложи читателот на животни околности различни од сопствените. Преку читањето го доживуваме светот како друг род или припадник на друга етничка група, култура, сексуалност, професија или возраст. Зборовите на непознатите луѓе може да ни покажат како е да се изгуби дете, да се биде во војна, да се роди во сиромаштија или да се напушти домот. Сето ова може да влијае врз нашето однесување кон другите луѓе во реалниот свет.

Во 2006 година Оутли и неговите колеги објавиле истражување во кое покажале силна врска помеѓу читањето фикција и зголемената емпатија. Оттогаш психологијата почнала да се занимава со истражување на врската помеѓу емпатијата и читањето фикција.


Фото: Pixabay

Генерално било покажано дека самото читање доведува до промени кај лицата. Со текот на годините било покажано дека фикцијата повеќе влијае врз начинот на кој се однесуваме со луѓето отколку другите видови книги. Експертите особено ѝ даваат на значење на литературната фикција, како делата на Толстој или Тони Морисон.

Сепак, Оутли посочува дека не треба да се отфрлат мемоарите, биографиите и историските книги бидејќи моќната приказна става печат врз читателот без разлика на формата. Иако емпатијата се смета за лепилото што го спојува општеството, се чини дека таа се намалува. Една анализа од 2010 открила дека емпатијата помеѓу студентите се намалила во периодот од 1970 до 2000 г.

Според некои експерти, генерациската промена во стиловите на воспитување игра голема улога. Критичарите велат дека во последните децении родителите повеќе бараат од децата лични достигнувања и висока самодоверба, а тоа влијае врз нивната емпатија. Социјалните мрежи, исто така, може да придонесат за ослабнување на поврзаноста меѓу луѓето.

Автор: Меган Шмит
Извор: discovermagazine.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот