X
 31.10.2024 Забава

Идеални книги за Ноќта на вештерките

Иако времето е доста топло за овој период од годината, тоа не нè спречува навечер да се опкружиме со издлабени тикви, свеќи и разни морничави работи, ако ни е забавно. Во продолжение нудиме предлози за неколку книги кои се толку напнати, што одговараат за читање во овој период кога се прославува Ноќта на вештерките.

„Тоа“ - Стивен Кинг


Монументална хорор-класика, но и сага за растењето, пријателството, предизвиците на возрасниот живот и опојната моќ на носталгијата. Стивен Кинг беше најчитаниот автор во 80-тите и 90-тите години, а не заостанува многу ни денес - всушност, се чини дека неговото влијание расте. Во текот на 70-тите и раните 80-ти години Кинг изгради пат до славата како најдобар писател на хорор-романи. Неговите книги се беспрекорно напишани и секоја од нив се фокусираше на една одредена тема. Со романот „Тоа“, Кинг се ослободува од сите тематски стеги и наместо да напише книга за едно нешто што нè плаши, создава роман за сите чудовишта и кошмари заедно.

Кинг го дефинирал романот како „збир на сè што научил и создал во својот живот“.

„Теди“ - Џејсон Рекулак


Мелори Квин само што излегува од рехабилитација кога ја презема работата на дадилка. Тед и Керолин Максвел ѝ ја довериле грижата за нивното петгодишно дете Теди. Мелори е воодушевена. Таа живее во симпатична мала куќа веднаш до шумата на работ на имотот, трча низ безбедното соседство ноќе и конечно ја наоѓа стабилноста што ѝ недостигала долго време. Таа дури искрено се поврзува со Теди - слатко, срамежливо момче кое никогаш не оди никаде без својата тетратка и пенкало. Како и неговите врсници, тој црта дрвја, зајачиња, балони...

Но, кога ќе нацрта маж кој влече женско безживотно тело низ шумата, злобното претчувство навлегува под кожата на Мелори. Приказите на Теди стануваат сè позлобни, а неговите едноставни ликови брзо се претвораат во вешти, брутални скици што ниту едно петгодишно дете не може да ги нацрта. Мелори се сомнева дека на цртежите се гледаат траги од долго нерасчистено убиство. И кога паѓа ноќта и секој звук станува дел од морничавата симфонија на темната шума, нејзиниот немир прераснува во паничен страв од натприродното што целосно ја обзема.

„Корсет“ - Лора Персел

Идеална готска приказна за магливите есенски периоди. Доротеа Труелов е млада и богата жена чија добротворна работа ја носи во затворот „Оукгејт“ и ѝ дава можност да ја истражи нејзината фасцинација со френологијата. Таа е воодушевена што може да ја тестира хипотезата дека черепот на мажот кажува многу за неговиот карактер и неговата склоност кон најмрачните злосторства.

Во затворот таа се среќава со шеснаесетгодишната сиромашна шивачка Рут, која чека судење за убиството на нејзината газдарица. Таа го припишува ова убиство, како и другите злосторства, на натприродната моќ што ја поседуваат прекрасните корсети и фустани во чии шевови ги плетела своите ужасни мисли. Приказната на Рут за горчината и предавството, семејната трагедија и заробеништвото, ќе ја разниша вербата на Доротеа во разумот, но и во моќта на искупувањето.

„Други луѓе“ - C. J. Тудор


Една вечер, возејќи се дома во текот на сообраќаен метеж, Гејб го гледа лицето на едно мало девојче на задниот прозорец на за'рѓаниот стар автомобил. Нејзината уста го формира зборот „тато“. Тоа е Изи, неговата петгодишна ќерка. И тоа е последен пат кога ја гледа. Три години подоцна, Гејб, единствениот кој одбива да изгуби надеж, поминува денови и ноќи на автопат барајќи го возилото што ја киднапирало неговата ќерка.

Фран и нејзината ќерка Алис често се на пат. Но, не во потрага, туку во бегство. Тие се обидуваат да останат чекор понапред од оние што им посакуваат лошо. Затоа што Фран знае што се случило со Изи. И тогаш во езерото се појавува автомобил со тело во багажникот и Гејб е принуден да се соочи со исчезнувањето на неговата ќерка, но и со нешто подлабоко закопано во неговото минато. Потрагата го води до група наречена „Други луѓе“.

„Нашиот дел од ноќта“ - Маријана Енрикез


Таткото и синот - Хуан и Гаспар патуваат низ Аргентина, од Буенос Аирес до водопадите Игуазу, на северната граница со Бразил. Таткото се обидува да го заштити својот син од судбината што му била доделена по смртта на неговата мајка во неразјаснети околности - во несреќа која можеби не била несреќа. Гаспар, како Хуан, е предодреден да стане медиум во тајниот „Ред“ - култ кој ја повикува темнината и е во ритуална потрага по бесмртност.

Но, да се биде медиум е ментално и физички исцрпувачко и подразбира непосредна смрт. Потеклото на „Редот“, управуван од моќното семејство на мајката на Гаспар, датира со векови наназад, кога знаењето за темнината од срцето на Африка првпат дошло во Англија и оттаму се проширило до Аргентина...

Извор: index.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава