X
 12.10.2020 Наука

Растенијата прават нешто чудно кога растат близу човечки трупови, велат научниците

Како можете да пронајдете човечки остатоци во масивен природен екосистем како амазонската прашума? Според нова студија, дрвјата и најгорните гранки од крошните на грмушките би можеле да ги водат истражувачките и спасувачките тимови.

Како што се распаѓаат, човековите остатоци создаваат „острови на распаднати трупови“, менувајќи ја почвата во околината, корените и лисјата. Тие промени, според истражувачите, можат да се забележат и од далечина.

- Во помали, отворени пејзажи пешачките патроли можат да бидат ефикасни во наоѓањето исчезнати лица, но во поопасни места со повеќе шума, како Амазонија, тоа воопшто нема да биде можно. Тоа нè натера да погледнеме во растенијата како индикатори за распаѓање на луѓе, што може да доведе до побрзо, а можеби и побезбедно наоѓање - вели Нил Стјуарт Џуниор, професор на Универзитетот во Тенеси.

Истражувачите планираат да ја тестираат нивната техника на „фармата за тела“ на универзитетот, попозната како Капацитет за антрополошки истражувања, каде што ќе ги проценуваат промените во таканаречените острови.

- Најочигледниот резултат од островите би бил големо ослободување на азот во почвата, особено преку лето, кога има брзо распаѓање. Во зависност од тоа колку брзо растенијата одговараат на приливот на азот, тоа може да предизвика промени во бојата и рефлексијата на лисјата - вели Стјуарт.

Има еден клучен проблем - луѓето не се единствените цицачи што умираат во шумите. Тоа значи дека тимот ќе мора да најде начин да ги забележи метаболитичките процеси што се разликуваат, да речеме, од мртов елен.

Стјуарт и неговиот тим се надеваат дека нивното истражување ќе помогне во потрагите по човечки тела во големи шуми.

Извор и насловна фотографија: Futurism
Подготвил: Билјана Арсовска

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука