Едгар Мора бил градоначалник на Куридабат, град во Костарика, 12 години. Во тој период градот донел одлука да им додели статус на граѓани на сите пчели, лилјаци, колибри и пеперуги, како и дрвја и природни растенија во градот.
Оваа одлука играла клучна улога во трансформацијата на општината од приградска населба во близина на главниот град на Костарика, Сан Хозе, во пионерска урбана локација за див свет. Градот сега е познат и како „сладок град“.
Куридабат неодамна го сменил и урбанистичкиот план, според кој зелените површини се сметаат за инфраструктура со услуги што им се нудат на граѓаните. Со геолошко мапирање се реализираат проекти за обновување на шумите и масовно се засадуваат растенија кои треба да го намалат загадувањето на воздухот.
Според Мора, идејата за трансформацијата се родила од фактот дека луѓето во градовите ја бранат природата кога таа се наоѓа далеку од градот, но не се свесни дека треба да ја заштитуваат и во нивната блиска околина. Мора сега работи како консултант за дизајн во архитектонската фирма „Генслер“, а одреден период бил и министер за образование.
- Урбаното градење треба да биде, барем до одредена мера, во согласност со околината, наместо обратно - вели Мора.
Во предградијата на Сан Хозе живеат над 2 милиона луѓе, односно половина од целото население на Костарика. Земјата привлекува многу туристи поради нејзината природа и биодиверзитетот.
Слаткиот град е само еден начин на кој се овозможува
зачувувањето на природата и на дивиот свет во земјата. Впрочем, Кристијана Фигуерес, жителка на Костарика, стои зад иницијативата за потпишување на Парискиот договор за климата. Над 98% од енергијата што се троши во Костарика се произведува од обновливи извори, а земјата планира загадувањето на воздухот да го сведе на нула до 2050 година.
Автор: Патрик Гринфилд
Извор:
theguardian.com