X
 23.11.2020 Живот

Моливи што можат да се претворат во дрвја по нивната употреба

Вообичаено моливите се прават од дрвја. Но, компанијата „Спраут“ од Данска смисли нова идеја: одгледување дрвја од моливи.

„Спраут“ произведува уникатни моливи што можат да се засадат. Како што велат од компанијата, идејата е да се искористат моливите дури и откако ќе бидат изострени со острилка многу пати.

Моливчињата се направени од одржливо дрво, со јадро за пишување направено од 100 отсто природен и нетоксичен графит. На крајот од моливот е скриена капсула од растително потекло исполнета со семиња.

- Откако ќе завршите со пишувањето, наместо да го фрлите моливот, едноставно засадете ја зелената капсула што содржи семе, а потоа погрижете се како и за секое друго растение - вели Мајкл Стаусхолм, основач на „Спраут“.

Постои голем избор на семиња, па можете да изберете дали сакате вашиот молив да стане чери-домати за вашата градина, цвеќе за вашиот прозорец или и елка.

Компанијата создаде специјална серија на моливи со семки од смрча, која е позната како новогодишна елка и може да расте и да преживее во многу различни клими.

Но, кој користи моливи деновиве?

Користиме 14 милијарди моливи секоја година низ целиот свет, што значи дека се сечат околу 82.000 дрвја за да се исполни побарувачката.

Но, дрвјата се витален дел од борбата против климатските промени и глобалното затоплување. Тие складираат јаглерод, ослободуваат кислород, ја стабилизираат почвата и обезбедуваат живеалишта за дивиот свет на нашата планета.

Досега „Спраут“ има продадено повеќе од 30 милиони моливи во над 80 земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија и САД.

Извор: Euronews.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот