Пред наставниците се поставени поголеми стандарди, очекувања и барања од заедницата, но и наставниците очекуваат поголема почит од страна на заедницата и поголема поддршка од општеството, меѓу другото, и подобрување на условите за работа, вели претседателката на Сојузот на просветните работници, Лидија Николовска-Георгиевска
Сојузот на просветните работници на Македонија, како невладино и непрофитабилно струково здружение, ги обединува сите просветни работници во Македонија и традиционално секоја година избира најдобри просветни работници од пријавените кандидати, по повод 5 Октомври - Светскиот ден на учителите. Па така и годинава ги додели признанијата.
- Овој ден претставува значаен симбол за свесноста, разбирањето и вреднувањето на фундаменталниот придонес на просветните работници што го даваат за едукација и развој на децата, учениците, студентите, а со тоа и за општеството. Мото на Светскиот ден на учителите оваа година е „Трансформација на образованието започнува со наставниците“. Акцентот се става на брза трансформација и модернизација на образовниот систем за да се овозможи благовремена и брза подготовка на идните генерации кои ќе се носат со предизвиците и промените во иднината, но и потреба од подигнување на повисоко ниво на социо-економскиот статус на оваа професија и враќање на статусот на просветните работници - вели претседателката на Сојузот, Лидија Николовска-Георгиевска.
Потребни се подобри услови за работа
Доделувањето на признанието просветен работник на годината за учебната 2021/22 година има цел да ги признае заложбите на просветните работници од сите нивоа на образованието, да ја поттикне нивната виталност, вербата и достоинството, да ги мотивира за натамошни успешни заложби во создавањето идни генерации кои не само што ќе се носат со промените во животот, туку и ќе предизвикуваат промени создавајќи заедница за соживот, компромис и толеранција. А со тоа и да го привлечат вниманието на јавноста за правилното вреднување на заложбите на оваа професија, која е и единствена во создавањето на сите други професии. Пред наставниците се поставени поголеми стандарди, очекувања и барања од заедницата, но и наставниците очекуваат поголема почит од страна на заедницата и поголема поддршка од општеството, меѓу другото, и подобрување на условите за работа и можност да напредуваат во професијата, додава претседателката на Сојузот.
Оваа година на јавниот повик објавен од Сојузот се пријавиле вкупно 25 кандидати: 4 (четири) од предучилишно, 18 (осумнаесет) од основно и 3 (три) кандидати од средно образование.
Вреднувањето на доставените прилози на кандидатите го вршеше Комисијата за доделување награди, признанија и благодарници која функционира во состав на Сојузот, и тоа според „Правилник за постапката и критериумите за прогласување просветен работник на годината“. Комисијата ја сочинуваат просветни работници-членови на Сојузот од сите нивоа на образование (предучилишно, основно, средно и високо образование).
Од категорија воспитувач од предучилишно образование наградена е Татјана Грегова, воспитувач во „Мајски цвет“- Битола. Во категоријата просветен работник од одделенска настава - Ангелковска Валентина, одделенски наставник во ООУ „11 Октомври“ – Скопје. За најдобар просветен работник од предметна настава признанието го доби Спасова Анкица, наставник по математика во ООУ „Тихомир Милошевски“, во категоријата просветен работник од стручна служба најдобра е Маја Трајковиќ, библиотекарка во „Невена Георгиевска-Дуња“ - Скопје. За просветен работник од училиште каде што наставата се изведува со ученици со попреченост прогласена е Давчевска Марија, наставник во ОУРЦ Маца Овчарова“ - Велес. А во средното образование во категоријата просветен работник од предметна настава признанието го доби Ацески Илче, наставник по информатика, СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ - Битола. Просветен работник од заедниците е Исмаили Шпреса, наставник по албански јазик и литература, СМУГС „Панче Караѓозов“- Скопје, додека признание за просветен работник од стручна служба доби Митковска Катерина, воспитувач, Ученички дом при СМУГС „Панче Караѓозов“.
Фото: принтскрин/Јутјуб
Критериуми на селекција
Селекцијата на најдобрите просветни работник се одвиваше според критериумите наведени во Правилникот, а прецизирани во член 16, и тоа:
- да има завршено соодветно образование според законот, согласно дејноста;
- да има поминато подолг временски период во воспитно-образовната дејност (најмалку 15 години);
- да има остварени резултати во воспитно-образовната дејност со децата, учениците, родителите и општествената средина на живеење;
- да има остварено резултати во дополнителна и додатна настава;
- да има остварено резултати во слободните активности со децата, учениците (освоени дипломи, признанија, пофалници, благодарници и сл.);
- да има учествувано во јавна и културна дејност на установата;
- да има учествувано на ученички натпревари во знаење и освоени награди (општински, регионални, државни и меѓународни), што е еден од најосновните услови;
- да учествувал во реализација на проекти, едукативни семинари и добиени сертификати;
- активно да учествувал во стручни расправи, симпозиуми, манифестации, научни собири, конгреси, одбележувања и сл. кои се од поширока воспитно-образовна дејност;
- да учествувал во изработување учебници, прирачници и со свои стручни прилози да соработува во стручен печат;
- да е активен член во установата каде што работи и да членува во некои форми на општествената средина и пошироко;
- да не е на раководна функција во време на апликација (директор) на образовна установа;
- при ист број бодови приоритет ќе има кандидатот кој е предложен од установата каде што работи и кој има добиено признание просветен работник на годината на општина, регион или установа во која работи во изминатите години (не тековната).
Заложби на Сојузот
Сојузот се залага за поттикнување и развивање дејности што постојано ќе го иновираат и интегрираат образованието на Македонија во европските и светски образовни процеси и низ целокупната своја активност да го негува и остварува мултиетничкиот, мултијазичниот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашето општество, посочува претседателката.
- Сојузот ја остарува својата мисија низ повеќе задачи и активности: да иницира, планира, проучува, разгледува и реализира активности од образовно-воспитната проблематика на предучилишното, основното, средното и високото образование, како и од образованието на децата со посебни образовни потреби и со резултатите да ја запознава стручната и општествената јавност. Да одбележува значајни датуми од историјата на образованието, да практикува различни облици на целоживотно учење и волонтерство, да организира и учествува на меѓународни собири и симпозиуми, трибини, семинари... Да ги обединува просветните работници; да ги збогатува формите и содржините на професионалната работа, да го подобрува статусот на просветните работници во општеството, да ги афирмира просветната работа и просветните работници и уште многу други активности - споделува Лидија Николовска-Георгиевска.