X
 07.08.2023 Наша тема

Студентите ги избраа Влатко Спасев, Стефан Андонов и Елена Наумовска за најдобри професори во изминатава година

Традиционално, неколку години по ред ги прашуваме студентите кои професори им оставиле најголем впечаток, кои им се омилени предавања, кои професори важат за најдобри на нивниот факултет. Во продолжение дознајте кои се најинспиративните професори годинава

Влатко Спасев од ФИНКИ, Стефан Андонов исто така од ФИНКИ и Елена Наумовска од Економскиот факултет беа избрани за најдобри, најпосветени, најинспиративни професори во изминатата година. Резултатите се дел од спроведената анкета на Факултети.мк на прашањето „Кој професор ви остави најголем впечаток изминатава година?“

Она што им е заедничко на сите е што вложуваат труд да ги направат предавања интересни, да го презентираат материјалот така што ќе им го задржат вниманието на студентите цел час, дури и да научат голем дел од содржината токму на предавањето. И, секако, секогаш се тука за дискусија, прашања, споделување мислења.

Стефан Андонов, асистент на ФИНКИ

Стефан Андонов втора година по ред се наоѓа на оваа листа и тој вели дека признанието му е дополнителен стимул во работата.


Стефан Андонов
- Многу ме радува тоа што втора година по ред моето име се наоѓа на оваа листа! Им благодарам многу на колегите од ФИНКИ за нивните номинации. Како што нашата работа како професори и асистенти им претставува стимул на студентите да учат нови вештини, така и ова признание за нас претставува стимул да продолжиме да работиме во секторот образование (работа која не e секогаш доволно ценета). Секогаш се трудам аудиториските вежби што ги држам да бидат што е можно поинтерактивни, односно заедно со студентите да дојдеме до конечното решение на проблемите што ги решаваме. Од оваа академска година тоа ми беше значително олеснето со враќањето на наставата со физичко присуство. Верувам дека на студентите што ги следат вежбите кај мене најмногу од помош им е тоа што вежбите се целосно практични, како и тоа што имаат на располагање видеоснимки по сите мои предмети од вежбите изведени во онлајн наставата. За крај, сметам дека голем удел во номинацијата од студентите има и неформалниот аспект од наставата во кој со нив разменуваме мислења на многу теми, како што се најновите технологии, проекти, кариерни совети и насоки за специјализација во одредени ИТ-области - ни сподели Стефан.

Влатко Спасев, асистент на ФИНКИ

По речиси две и пол години држење вежби онлајн во услови на пандемија, асистентот на ФИНКИ, Влатко Спасев, вели дека оваа учебна година претставувала своевиден предизвик како за студентите така и за него.

- Искрено ме израдува и ми причини особено задоволство информацијата дека мојот труд, кој несебично го вложував во текот на годината, останал забележан кај студентите и ги мотивирал да бидам нивниот избор. Голем дел од студентите првпат се сретнаа со нас и седнаа во предавалните бидејќи високото образование го почнаа зад своите екрани. Затоа, беше потребно време и енергија за повторно да се врати желбата на студентите да доаѓаат на факултет, т.е. нивната адаптација од онлајн кон настава со физичко присуство – споделува тој.

Да се привлече вниманието на студентите во текот на целиот час не е едноставна задача, особено не со еден класичен пристап на предавач и слушател, смета Влатко.

- Земајќи го предвид ова, заедно со сите позитивни практики што ги согледав во текот на моето студирање, практикувам и се стремам да го пренесам материјалот користејќи релевантни и актуелни проблеми кои директно ќе ги заинтересираат и ќе пробудат желба кај студентите активно да учествуваат во нивното решавање. Преку прашања, задачи и дискусии се обидувам да им поставам предизвици за полесно совладување на материјалот. На овој начин се создава една пријатна и инклузивна атмосфера за работа која директно влијае врз самодовербата на студентите, па тие се чувствуваат поддржани и поттикнати да работат повеќе. Главен акцент во текот на моите вежби е да ги насочам студентите правилно да размислуваат и правилно да пристапат при решавање на даден проблем. Во таа насока, настојувам да им покажувам на студентите различни решенија и пристапи за даден проблем. Секогаш кога има услови, се трудам да организирам гостински предавања и работилници на модерни теми кои претставуваат дополнителен поттик и мотив студентите да се трудат повеќе. Мојата цел е секогаш да бидам достапен и отворен за прашања за сите студенти, јасно ставајќи им до знаење дека постојано сум на нивна страна, целосно разбирајќи ги предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Според досегашното искуство и нивните реакции, сметам дека студентите се најзадоволни кога се правилно разбрани и вреднувани во процесот на учење - дополнува Влатко.


Влатко Спасев
Како што вели тој, изборот од студентите и довербата дополнително го обврзуваат и поттикнуваат да продолжи да се труди и да вложува во работата.

-Мојата порака до нив е дека нема недостижни врвови. Верувајте во себе и секогаш бидете мотивирани и желни за знаење! Во светот на информатичките науки работите постојано се менуваат, па обидете се постојано да бидете во чекор со времето и новите технологии - дополнува тој.

Елена Наумовска, професорка на Економскиот факултет


Успешноста на студентите во текот на студирањето и впечатокот што ќе го остават на работното место по дипломирањето во голема мера се предодредени од влогот на професорите, смета Елена Наумовска, која исто така е дел од омилените професори на студентите.

- Нивниот успех е наша заедничка цел. Работата како професор подразбира многу повеќе од пренос на знаење и сама по себе не е доволна за да се постигне авторитет. Наш предизвик е да ги препознаеме афинитетите на нашите студенти, да ги поттикнеме да работат на сопствениот напредок и соодветно да ги подготвиме за пазарот на труд. Во насока на сето ова, јас лично настојувам предавањата што ги држам рационално да бидат искористени, најголем дел од материјалот да се совлада во текот на часовите, но и да се стекне свесност за реалната потреба од стекнатото знаење, не само за положување на испитите, туку и за негова практична примена и по дипломирањето. Со оглед на тоа што им предавам на студенти кои се во завршна фаза на студирањето, настојувам да укажам на многубројните начини кои уште за време на студиите би им овозможиле да сфатат која е работата што би ја работеле со љубов и посветеност и каде најмногу би придонеле - истакнува Елена.


Елена Наумовска

Врз основа на нејзиното досегашното искуство, Економскиот факултет има голем број студенти со кои може да се гордее, жедни за знаење и подготвени да напредуваат, присутни на многубројни волонтерски и воннаставни активности, заинтересирани за практична настава. Вистинско задоволство е да се следи нивниот ентузијазам, амбиција за кариерно напредување, но и желба да го искусат сето она што го нудат факултетот и незаменливите студентски денови.

- Обидувајќи се на некој свој начин да ги поттикнам и инспирирам, на крајот сфаќам дека тие се всушност моја поддршка и мотивација. Енергијата што тие ја носат и искрената благодарност која ја препознавам кај нив се моја движечка сила, без разлика на животните и професионалните предизвици со кои во даден момент лично се соочувам. Слободата на сопствен избор секојдневно присутна за време на студентските денови истовремено значи и голема одговорност. Бидејќи, на крајот, нашите избори нѐ прават нас и самите ние сме резултат на она што сме го одбрале. Бидете внимателни при сопствените избори! Каде и да сте, оправдајте го своето присуство! Не потценувајте ја важноста на сегашниот момент, тој понатаму ги креира спомените кои неизмерно ќе ви значат. Направете го во моментов она за што вашето „идно јас“ ќе ви благодари. Останете доследни на себе, дури и да сте помалку гласни, вашиот успех е тој што ќе создаде бучава. Сепак, не заборавајте дека понекогаш е неопходно и малку себепромовирање за да останете во тек со денешното време. Единствен логичен натпревар е оној што го имаме сами со себе, не заборавајте ја моќта на себенадминувањето! Не потценувајте ја важноста на малите чекори, токму тие се најсигурниот пат до остварувањето на целите. Да бидеш промената која сакаш да ја видиш околу себе е многу покоректно отколку бесполезната критика на сето она што не ви се допаѓа. Постојано инвестирајте во своето знаење, комфорната зона нека биде само ваша привремена подготовка за следниот предизвик. Најдете примена на вашето знаење и несебично споделувајте го, токму вие имате одговорност за поттикнувањето и ширењето на финансиската писменост. Среќата е личен избор - одберете среќа! Секогаш најдете зрак светлина кој ќе ве води кон целта и со благодарност препознајте ја подадената рака. А тогаш кога отсекаде ќе надвиснат облаци, креирајте сопствено сонце и подајте некому рака. Драги мои студенти, вие сте зракот светлина, верувам дека ќе бидете препознаени каде и да сте... Од срце БЛАГОДАРАМ е малку да се каже.. - дополнува Елена.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема