X
 12.11.2018 Наука

Научниците создале вештачко срцево ткиво

Научниците успеале да создадат вештачко срцево ткиво што работи исто како вистинското срце.

Истражувачите ги пораснале преткоморите на срцето - горните комори на срцето што пумпаат крв во коморите и во останатиот дел од телото. Ова вештачко ткиво може да одговори на лековите на начин што ги имитира вистинските човечки преткомори, што значи дека може да бидат непроценливи во развојот на третмани за поврзани срцеви состојби, како што е атријалната фибрилација.

Ова извонредно лабораториско инженерство се базира на човечки индуцирани плурипотентни матични клетки или „hiPCS“, што всушност се матични клетки генерирани директно од возрасни клетки што потоа можат да се тренираат за да се развијат во која било друга потребна клетка.


- Ова е првпат човечко преткоморно ткиво да биде генерирано ин витро од неограничен извор на индуцирани плурипотентни матични клетки. Ова би можело да биде корисно и за академските лаборатории и за фармацевтската индустрија, бидејќи за тестирање на потенцијални нови лекови треба да создадеме ин витро модел на атријална фибрилација. Првиот чекор во тоа е да се добијат клетки што личат на човечките кардиомиоцити - вели Марта Леме, еден од истражувачите, од универзитетскиот медицински центар Хамбург-Епендор во Германија.

Кардиомиоцитите се клетки што го сочинуваат мускулот на срцето или на срцевиот мускул. Она што е посебно кај овие вештачки клетки е дека се развиени за да создадат 3Д-срцево ткиво: ова значи дека имаат својства што им дозволуваат да се релаксираат и да одговорат на лекови и електрични импулси.

Клучот е метаболит на витаминот А, наречен транс-ретиноична киселина, што се користи за репрограмирање на донорските клетки во соодветна, атријална форма. Бидејќи ткивото се совпаѓа со вистинското срце, треба да биде корисно за многу работи - од скрининг за лекови до анализа на болести.

- Посебна вредност на нашето истражување е директната споредба со 3Д инженираното срцево ткиво со човечкото атријално ткиво добиено од пациенти на молекуларно и функционално ниво - вели Леме.

Главните придобивки од истражувањето треба да бидат истражување на аритмијата или нередовното отчукување на срцето. Доаѓа во различни форми, но најчестата е атријална фибрилација - кога отчукувањето на срцето често е нередовно, а понекогаш и многу брзо, значително повисоко од вообичаената горна граница од 100 отчукувања кога мирувате.

Ова може да доведе до вртоглавица, отежнато дишење и умор и обично се третира со лекови за контрола на срцевиот ритам или со операција наречена катетерска аблација што користи радиофреквентна енергија за да уништи дел од срцето предизвикувајќи абнормален ритам.

Сепак, тимот што стои зад истражувањето смета дека постои простор за подобрување.

- Овие атријални мускулни ленти претставуваат одлична можност за моделирање на атријална фибрилација. Сепак, постои простор за подобрување за да се постигне уште поголема сличност со човечкото атријално ткиво - вели Леме.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука