X
 21.04.2018 Наука

Најчудните појави што луѓето ги доживуваат при длабок сон

Спиењето е сосема рутинска активност, но повремено луѓето се среќаваат со необични појави што ги збунуваат и плашат. Ова се некои од најбизарните искуства што можете да ги доживеете.

Зборување во сон


Околу 5 отсто од возрасните луѓе зборуваат во сон, покажува истражувањето на американскиот Институт за спиење. Повеќето сеанси на зборување во текот на спиењето просечно траат 30-ина секунди.

Најчесто луѓето зборуваат во сон во текот на првиот или вториот час по заспивањето, во моментот кога организмот влегува во подлабока фаза на сонот, но сè уште има доволно сила да произведува звуци или движења. Обично тој што зборува дознава дека зборувал во сонот од сведок и тогаш го фаќа паника: Што ако сум открил некоја тајна?

Истражувачите утврдиле за што најчесто зборуваат во сон луѓето. За жал, се покажало дека не можат да бидат горди на она што го зборуваат: зборувањето во сон најчесто е полно со вулгарности и закани. Интересно е тоа што тие зборуваат граматички правилно.

Помош, паѓам!

Третина од животот ја поминуваме спиејќи, а шест години сонувајќи. Но дали во текот на спиењето сте имале чувство дека паѓате?

Овој феномен најчесто настапува во моментот кога тонете во сон. Во сонот, телото е парализирано, но понекогаш сонот може да почне додека мускулите уште се активни. Паѓањето во сонот често им се случува на луѓе што се исцрпени или се под стрес. Тогаш мозокот наеднаш паѓа во сон, но останатиот дел од телото доцни.

Глава што експлодира


Овој синдром не е толку морничав колку што звучи. Сонувачот се буди во страв откако во сонот слушнал силен звук како експлозија или видел силен блесок.

Во ваквите ситуации луѓето имаат чувство како дека ќе им експлодира главата, иако во реалност ништо не им се случува. Оваа појава е слична со паѓањето во сон - мозокот влегува во длабок сон, но телото сè уште не стигнало до состојбата на парализа, а сетилата се активни.

Парализирање при будење

Кога ќе почнете да се будите, сфаќате дека не можете ниту да зборувате ниту да ги мрдате мускулите. Оваа состојба обично трае неколку секунди, но може да се пролонгира на неколку минути и е прилично застрашувачка.

Оваа појава е спротивна на чувството на паѓање бидејќи мозокот се буди пред да исчезне парализата својствена за длабокиот сон. Имате чувство дека не можете да дишете и дека на градите имате тежок товар. Тоа е последица на состојбата на мускулите што го контролираат дишењето, освен дијафрагмата, кои сè уште се парализирани.

Месечарење

Повеќето појави во текот на спиењето не му наштетуваат на човекот, меѓутоа, месечарењето може да биде опасно.

При месечарењето телото е доволно будно за да може да се движи, но мозокот и понатаму спие. Тоа е причината што веројатно не се сеќавате на вашите ноќни прошетки.

Бизарните случаи на месечарење вклучуваат готвење, поместување на мебелот, облекување, соблекување и управување со возило во длабок сон.

Повторување на соништата


Во текот на спиењето мозокот ги сортира информациите што ќе ги обработи и подоцна ќе ги складира во сеќавањето. Повторувачките соништа често се јавуваат како последица на нерешени ментални проблеми што мозокот настојува да ги реши.

Микросон

Микросонот е најчестата причина за губење контрола над автомобилот. Ова нарушување обично ги погодува луѓето што не спијат доволно повеќе денови, па организмот им е исцрпен. Иако поголемиот дел од мозокот останува буден, гасењето на дел од невроните ги наведува на сон и ги тера на грешки.

Ако епизодите на микросон траат подолго од десетина секунди, тогаш станува збор за нарколепсија. Оваа ретка невролошка болест неконтролирано води до спиење во секој момент. Таквиот напад на сон може да трае од неколку минути до повеќе од еден час.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука