X
 12.11.2024 Наука

Изработката на ракотворби го подобрува менталното здравје

Истражувањата покажале дека создавањето уметност го намалува нивото на кортизол - хормонот на стрес во телото.

- Занимавањето со занаети, уметност и разни други хобија е достапно речиси за сите. Плетењето и цртањето бараат многу малку алатки и можат да бидат ангажирани и креативно исполнувачки активности - смета д-р Хелен Кис, когнитивен психолог и раководител на Школата за психологија и спортска наука при Универзитетот „Англиа Раскин“.

Една нова студија на Кејс и колегите истражувачи покажала дека ангажирањето во креативни активности може значително да ја подобри благосостојбата преку обезбедување значајни простори за изразување и достигнувања.
Така, тие зеле примероци од членовите на општата популација без дијагностицирани болести за да видат како таквите активности можат да придонесат за менталното здравје и дали можат да ги намалат исходите од осаменоста во секојдневниот живот. Истражувачите анализирале 7.182 учесници од Англија (на возраст од 16 и повеќе години).

-Ги задржавме нашите анализи за уметностите и занаетите на широко ниво наместо да се фокусираме на специфично хоби, бидејќи знаеме дека преференциите на луѓето варираат и тие ќе најдат креативна активност што најдобро ќе им одговара - рекла Кејс.

Повеќе од 37 отсто од испитаниците потврдиле дека учествувале во барем една таква активност во текот на изминатата година. Тие, исто така, биле прашани за нивниот работен статус, нивното здравје, чувството дека животот вреди да се живее, колку често се чувствуваат осамени и нивното ниво на среќа, анксиозност и задоволство од животот. Среќата, задоволството од животот и чувството дека животот вреди биле во позитивна корелација со учеството во креативни активности, но правењето уметност и занаети не било поврзано со намалена анксиозност или осаменост, што бара понатамошно истражување.

- Сите форми на уметност можат да бидат корисни за зајакнување на менталното здравје. Придобивките се зголемување на самодовербата, намалување на анксиозноста/стресот, подобрување на комуникацијата и зајакнување на креативноста - истакнува психијатарот Френк Кларк, кој не бил вклучен во студијата.

Ако не се сметате себеси за уметник или креативец, Кларк има четири предлози за искористување на вашата креативна страна: променете го вашето размислување за да бидете оптимисти за вашиот креативен потенцијал; не плашете се да ризикувате да пробате нова активност; развивајте односи со луѓе кои се дел од креативниот простор што ве интересира и размислете што сте правеле креативно како дете, па направете го тоа повторно.

Извор: n1info.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука