Оваа година беше предизвик за филмската индустрија, како и за сите нас. Голем дел од годината киносалите беа затворени, снимањето филмови беше откажано, а ние затворени дома бевме во потрага по добри филмови.
Со оглед на тоа што пандемијата не стивнува, а надвор е студено, време е за гледање на сите филмови што сме ги пропуштиле.
Ви даваме листа од неколку ремек-дела од филмската индустрија што мора да ги гледате.
„Лет над кукавичјото гнездо“, 1975
Оцена на IMDb: 8,7
Криминалецот Рендал Патрик Мекмарфи завршува во психијатриска установа каде што најпрво се обидува да се бори против системот, но потоа одлучува да побегне. Со останатите пациенти смислува план, но се ослободува на неочекуван начин.
Режисер на филмот е Милош Форман, а улогата на Рендл ја толкува Џек Николсон. Интересно е тоа што Кен Кисеј, авторот на романот по кој е снимен филмот, воопшто не бил воодушевен од филмот. Но, очигледно, со него не се согласиле публиката и критичарите, па „Лет над кукавичјото гнездо“ стана првиот филм што освои „Оскар“ за сите пет главни категории (најдобар филм, најдобар актер во главна улога, најдобра актерка во главна улога, режија и сценарио).
За филмот биле потрошени 3 милиони долари, а заработката на киноблагајните била повеќе од 100 милиони.
„Кога јагнињата ќе стивнат“, 1991
Оцена на IMDb: 8,6
Кларис Старлинг, студентка на ФБИ-академијата, истражува комплексен случај, а потребна ѝ е помош од Ханибал Лектор, одличен, но опасен доктор. Улогата ја одбележа кариерата на Ентони Хопкинс, а 29 години по снимањето, филмот и понатаму е еден од најпопуларните на светот.
„Одвеано од виорот“, 1939
Оцена на IMDb: 8,1
За овој филм ќе мора да издвоите дури четири часа. Љубовната приказна на убавицата Скарлет О'Хара и Ред Батлер се развива паралелно со големите општествени промени. Филмот доби 10 „Оскари“, а во историјата влезе како филм што заработил најмногу пари.
Хати Мекданиел станала првата афроамериканска актерка што била номинирана и освоила „Оскар“ за улогата на слугинката Мами.
Оваа година филмот се најде среде контроверзии кога беше отстранет од сервисот Ејч-би-о макс. Како што изјавија од Ејч-би-о, филмот од 1939 година е производ на своето време и прикажува расни и етнички предрасуди што биле погрешни тогаш, а погрешни се и сега. Подоцна изјавија дека филмот ќе го вратат на платформата со објаснување за неговиот историски контекст.
„Ени Хол“, 1977
Оцена на IMDb: 8
Стендап-комичарот Алви Сингер и невротичната пејачка Ени Хол се заљубуваат, но нивната љубов е осудена на пропаст.
„Американска убавина“, 1991
Оцена на IMDb: 8,3
Лестер Бурнхам наполнил 40 години, а средовечната криза го поттикнува на неочекувани потези што покренуваат низа случувања. Иако кариерата на Кевин Спејси по обвинувањата за сексуално вознемирување потона, оваа улога ја обележа. Сцената со ливчиња од роза е една од најпрепознатливите филмски сцени на 20 век.
„Девојка од милион долари“, 2004
Оцена на IMDb: 8,1
Талентирана келнерка се пробива во професионалниот бокс со помош на својот тренер. Иако приказната е малку клише, глумата на Клинт Иствуд и Хилари Свонк го надминува клишето. Освен како актер, во овој филм Иствуд се покажа и како режисер.
„Англискиот пациент“, 1996
Оцена на IMDb: 7,4
Дејството на филмот се случува во последните месеци на Втората светска војна. Млада медицинска сестра се грижи за пациент кој крие тајна за своето минато. Освен емотивната глума, филмот е препознатлив и по преубавите снимки од Северна Африка. Тажниот крај не ја убива приказната, а најмногу за тоа е заслужна глумата на Ралф Фајнс и Колин Фирт.
„Ла ла ленд“, 2016
Оцена на IMDb: 8
Актерка во подем се заљубува во џез-пијанист, но нивните амбиции ја победуваат нивната љубов. Музиката и танцот ги привлекоа гледачите, а филмот е награден со седум „Златни глобуси“ и пет „Оскари“.
Фото: Screenshot/YouTube