Луѓето што редовно се занимаваат со аеробни активности и вежби за сила имаат подобри резултати на когнитивните тестови во староста во споредба со оние што седат или имаат само аеробни вежби. Ова е клучниот наод на новото истражување објавено во списанието „Геросајнс“.
Истражувањето проценило 184 когнитивно здрави луѓе на возраст од 85 до 99 години. Секој учесник ги пријавил своите навики за вежбање и бил подложен на сеопфатни невропсихолошки тестови.
Истражувањето откри дека оние што во нивните рутини вклучиле и аеробни вежби, како што се пливање и возење велосипед, и вежби за сила, како кревање тегови, без оглед на интензитетот и времетраењето, имале подобра ментална агилност, побрзо размислување и поголема способност да го приспособат своето размислување.
Научниците откриле дека луѓето што не се занимавале со никаква физичка активност имале пониски резултати од оние што вежбале и кардио-вежби и вежби за сила.
Оваа разлика е мала, но значајна дури и кога се контролирале други фактори, како образованието и колку често луѓето вежбале. Дополнително, групата која правела два типа вежби постигнала подобри резултати во специфични когнитивни активности, како што е кодирање на симболи.
Резултатите покажуваат дека разновидната рутина за вежбање е поврзана со подобрено когнитивно функционирање кај луѓето во доцните 80-ти години.
Зошто сето ова е важно?
Стареењето на глобалното население го прави когнитивното здравје актуелен проблем. Бројот на луѓето дијагностицирани со Алцхајмерова болест во САД се предвидува да достигне 14 милиони до 2060 година. Наодите на истражувањето не само што нудат надеж за поздраво стареење, туку претставуваат и практичен пристап за одржување и подобрување на когнитивното здравје во последните децении од животот.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik