Во овогодишното истражување на агенцијата „Global Market Solutions“ за
квалитетот на услугите во регионот, Македонија се најде на второто место.
„Global Market Solutions“, специјализирана агенција за „таен шопинг“ во соработка со агенции од регионот, од 24 февруари до 3 април, деветти пат по ред спроведе истражување за основните елементи на квалитетот на услугите со цел да ги пронајде најдобрите во регионот.
Во овогодишното истражување на агенцијата „Global Market Solutions“ за квалитетот на услугите во регионот, Македонија се најде на второто место со резултат од 77.01%, реализирајќи раст од 10.57%.
Во истражувањето учествуваа сите земји од регионот: Хрватска, Црна Гора, Македонија, Словенија и Србија. Тајните купувачи посетиле 800 различни објекти, како што се автосалони, банки, бензински пумпи, продавници, супермаркети, продажни места на телекомуникациски компании, туристичко-угостителски објекти и услужни дејности.
Водечката позиција во квалитетот на услугите во регионот и оваа година ѝ припадна на Словенија со 79.03%, иако бележи пад од 2.42% во однос на минатата година. Хрватска се најде на третото местто со резултат од 73.62% и бележи пад од 5.04% во однос на минатогодишните резултати. Црна Гора е на четврто место со 73.47% и подобра за 10.51% во однос на минатата година, а Србија со 73.4 се најде на петтото место и реализира раст од 5.27% во однос на минатогодишните резултати.
Во истражувањето биле мерени пет основни елементи на квалитетната услуга: поздрав, утврдување на желбата на купувачот, познавање на производот, нудење на дополнителен производ и изразување благодарност за посетата, според акронимот на англискиот збор „GUEST“ (гостин) за „Greet“, „Understand“, „Explain“, „Suggest“ и „Thank“.