Популарната апликација за споделување видеа „Тик-ток“ можеби ќе биде забранета во САД поради грижи за приватноста на корисниците. Што значи тоа за корисниците надвор од САД? Дали треба да ја избришете апликацијата?
„Тик-ток“ е апликација слична на „Снепчет“ и „Инстаграм“, на која корисниците објавуваат видеосодржини од 15 до 60 секунди. Видеата може да бидат „лајкувани“ или споделувани. Апликацијата на почетокот се викала „Мјузикал.ли“, но таа ја добила денешната форма и името откако била купена од кинеската компанија „Бајтденс“ во 2018. Оттогаш станала популарна и била најпреземана апликација во светот во првиот квартал од 2020. Апликацијата досега била преземена 2 милијарди пати.
Најголем дел од нејзините корисници се млади. Дури 41% од сите
корисници се на возраст помеѓу 16 и 24 години.
Фото: Pixabay
Грижите за приватноста се поврзани со локацијата на сопственикот на „Тик-ток“. Постојат сомнежи дека кинеската компанија можеби споделува податоци од корисниците со кинеската влада, намерно или ненамерно. Постојат и грижи за податоците што „Тик-ток“ ги зема од уредите на корисниците.
Според експертите, многумина се плашат дека преку апликацијата може да се добијат информации за местоположбата на корисниците и други приватни податоци. Експертите велат дека кодот на апликацијата не е доволно безбеден. Во јануари апликацијата поправи неколку недостатоци, меѓу кои и еден со кој било возможно контролирање на туѓ профил, објавување приватни видеа и слично.
Според истражувањата, апликацијата собира многу податоци од корисниците. За да направат профил, корисниците треба да остават електронска пошта, телефонски број и податоци од профил на друга социјална мрежа. Апликацијата бара од корисникот дозвола за податоци поврзани со локацијата и контактите, но и аудио и видеосодржини. Ова е повеќе од она што го бараат социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“.
Заедно, овие информации може да се искористат за да се следи однесувањето на одредени луѓе. Кина е поагресивна од другите влади во барањето од компаниите да споделуваат информации. „Бајтденс“ порано работела со полицијата и игра улога во ширење политичка пропаганда, според еден извештај.
Фото: Pixabay
„Тик-ток“ негира дека споделува информации со кинеската влада и се оддалечува од „Бајтденс“. Во мај Американецот Кевин Мајер, кој порано работел во „Дизни“, стана главен извршен директор на „Тик-ток“.
Сепак, според повеќе досегашни истражувања, постои простор за сомнеж за безбедноста на податоците на корисниците. Според еден извештај, голем дел од податоците на апликацијата се поврзуваат со сервери во Кина на „Алибаба“, која имала проблеми со приватноста во минатото.
Постојат и проблеми со проверката на содржините на апликацијата. Имено, вработените во „Тик-ток“ цензурираат видеа во врска со одредени антивладини теми во Кина, а лошо се оценуваат и видеа на корисниците што изгледаат грди, сиромашни или хендикепирани, според еден извештај објавен годинава. Дополнително, се бришат видеа на кои се покажуваат протестите што се случуваа во Хонгконг.
Повеќе компании во САД веќе побараа од вработените да ја избришат апликацијата. Апликацијата, заедно со други 50 кинески апликации, е забранета во Индија, а САД размислуваат да ја забранат.
Автор: Кари Пол
Извор:
theguardian.com