25.02.2021
Здравје
Можни се нови рестрикции, британскиот сој на коронавирусот брзо се шири
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека зголемениот број нзаразени лица со Ковид-19 во последниве неколку дена се должи на присуството на британскиот сој на вирусот, за кој е карактеристично тоа што многу брзо се шири. Анализите на МАНУ ќе бидат објавени во наредните денови, а од приватната клиника „Жан Митрев“ посочуваат дека според нивните анализи, кај 70% од пациентите е детектиран британски сој. Филипче вели дека во некои градови во државата е зголемен бројот на хоспитализации по болниците, но не до тој степен болничките капацитети да се загрозени.
- Во дел од болниците низ државата, конкретно во Кавадарци, Прилеп и во Охрид зголемен е бројот на хоспитализации, но има слободен болнички капацитет. Во Скопје слободни болнички кревети има и на Инфективната клиника, без модуларната болница, значајно ослободен болнички простор има и на Интерните клиники, кои сега нормално функционираат. Во кој било момент подготвени сме сите овие капацитети да се вратат во оној претходен режим на работа кога сите лекари и сестри ротираа и сите интерни одделенија беа наменети за третман на пациенти заболени од Ковид-19. Во секојдневна комуникација сум со директорите на сите тие клиники, тие се свесни, знаат и очекуваат - рече Филипче.
Периодов може да има измена на мерките, тоа ќе зависи од епидемиолошката состојба, вели министерот.
- Следиме дали овој тренд ќе продолжи вака до тој степен да биде ризик повторно да се преоптоварат болничките капацитети, нозасега нема таква индиција, засега добро се менаџира, но не ја исклучувам таа можност - рече Филипче.
Фото: Борче Поповски