X
 15.10.2020 Живот

Резултати од истрагата во Австрија: Како вирусот од ски-центар се прошири во 40 земји низ светот?

Пропусти, задоцнувања, забошотувања и низа грешки кои достигнуваат сè до австрискиот канцелар Себастијан Курц. Независна комисија од стручни лица во покраината Тирол објави во Инсбрук заклучоци од својата истрага за случајот „Ишгл“.

Во документот од 287 страници се опишува како властите дозволиле местото да стане жариште на коронавирусот. Извештајот поставува и прашање кој ќе преземе политичка одговорност за тоа. Покраинската влада на Тирол досега привлекуваше внимание, пред сè, со тоа што отфрлаше одговорност за оваа катастрофа.

- Властите направија сè како што треба - тврдеше покраинскиот министер за здравство Бернхард Тилг на 16 март оваа година и тоа го повтори 11 пати при гостувањето во една емисија.

Тоа беше три дена пред илјадници туристи да „избегаат“ од карантин од Ишгл. Оттаму Ковид-19 се прошири во 40 земји во светот. Првите случаи на Исланд се појавија откако туристи што биле на скијање во Норвешка почнале да зборуваат за „скијачка епидемија“. Случаи на трансмисија на вирусот од Ишгл биле забележани и во Германија.

Летово, пак, премиерот на покраинската влада на Тирол, Гинтер Платер, призна грешки, но истовремено тврдеше дека сите одлуки биле носени „со најголема одговорност во однос на тогашните сознанија“.

Неточно соопштение за медиуми

Разврската на случајот „Ишгл“ се следи на меѓународно ниво бидејќи многумина го сметаат како пример за погрешно постапување на почетокот на ширењето на епидемијата. „Њујорк тајмс“ неодамна објави текст за Ишгл и улогата на забавите во време на пандемија.

Објавувањето на резултатите на комисијата го следеа 35 новинари од Австрија и од странство. Претседателот на комисијата, Роналд Рорер, претстави временски приказ на вестите, почнувајќи од инфицираните туристи на Исланд.

Кризниот менаџмент во таа фаза очигледно направил „тешки пропусти“, тврдеа Рорер и неговите пет колеги. Соопштението за медиумите на тиролската влада било „неточно и лошо“, а неправилно било и дозволувањето на нови забави во угостителскиот објект „Кицлох“, додека одлуката за запирање на скијачките жичници на 13 март била задоцнета.

1
Фото: Screenshot/YouTube

Бегање во скијачки чизми

Хаосот што настанал тој петок, 13 март, Рорер го претставил врз основа на извештај од еден очевидец: туристите ги фрлиле скиите пред местото за изнајмување, некои трчале до своите автомобили со скијачки чизми за да избегнат карантин.

Сојузниот австриски канцелар Себастијан Курц наредил карантин на прес-конференција во 14:15 часот, иако не бил надлежен за тоа и иако тоа не било договорено со локалните власти.

- Тоа не е само фактичко, туку и правно проблематично - се вели во извештајот на комисијата. Најавата на Курц спречила „смислена епидемиолошка контрола“.

Платер ги отфрли критиките од експертите. Како што вели, имало професионални грешки, но не и свесни грешки. Во преден план било здравјето на населението и на гостите, вели тој.

Нема забави по скијање

- Предупредувањето да не се патува ги загрозува работните места - изјави Курц деновиве за време на презентацијата на безбедносниот концепт за зимската сезона што треба да почне во Ишгл на 26 ноември, но со ограничувања: скијање може, но забави по скијањето не се дозволени. Освен тоа, маските се задолжителни на жичниците, а редовното тестирање на персоналот во ски-објектите треба да ја врати самодовербата.

За тиролската опозиција тоа не е доволно.

- Не смееме да заборавиме дека луѓето што дојдоа кај нас на годишен одмор се вратија дома болни, а некои и починаа - вели Маркус Синт од партијата „Листе фриц“, која во тиролскиот покраински парламент има двајца застапници.

Жртвите до денес чекаат јавно извинување и оставки што не се однесуваат само на тиролскиот политичар одговорен за здравството, Бернхард Тилг. Но, сите одговорни сè уште се на своите функции, а овој извештај сигурно нема да промени ништо во врска со тоа.

И државното правобранителство спроведува истрага


Тиролскиот премиер Платер неодамна се најде под дополнителен притисок: австриското списание „Профил“ објави дека Платер побарал од шефот на областа Ландек подобро да ја прикаже ситуацијата во соопштенијата за печатот за да се отстранат нападите врз Ишгл. Списанието ги добило овие чувствителни информации од истрагата спроведена од Државното правобранителство во Инсбрук во врска со случајот „Ишгл“ уште во текот на летото. Четири лица се обвинети за несовесно или намерно загрозување на лица со заразни болести.

Покрај кривичната постапка, во тек се тужби против Австрија за отштета, а се планираат и заеднички тужби. Разјаснувањето на работите околу случајот „Ишгл“ само што почна.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Ski-resorts-stat.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот