X
 13.02.2021 Наша тема

Мице Јанкуловски, уметник и колекционер: Не сум ни сонувал дека ќе држам в рака дело на Пикасо, сега во колекцијата имаме 85 негови дела

Средбите со големите уметнички имиња биле секогаш срдечни и пријателски. Па, најпосле во тоа е големината на тие луѓе! Славниот Кристо ми подари негова публикација со посвета и при пишувањето на моето име Мице се потсети дека мајка му се викала Цвета, па со задоволство го напиша на кирилица... Со Марина Абрамовиќ сум се сретнал двапати, еднаш во нејзиното студио во Њујорк, а вториот пат во музејот „Бенаки“ во Атина, таа е многу едноставна и срдечна, спремна за пријателски разговор и шега. Тони Крег ми посвети поголем дел од денот и ме прошета низ неговото студио, како и во Паркот на скулптурите во Вупертал, Германија, Пјер Сулаж го сретнав во неговиот дом во Сет, Франција, на негова 99-годишна возраст...

Деновиве во Велес е отворена голема самостојна изложба по повод 50-години творештво на Мице Јанкуловски, уметник и колекционер, поставка што во декември беше презентирана и во Националната галерија на Македонија. Разговорот со него го почнавме за тоа што од денешна перспектива значи да се работи неуморно половина век, колку е тешко да се одржи една таква кондиција?

- До 9-годишна возраст живеев во периферијата на Скопје, во единствената куќа што се наоѓаше во паркот. Немав радио или ТВ, паркот беше мојот двор, мојата градина. Скокав со скакулците, сонував да ги допирам sвездите. Потоа почнав да се интересирам за уметноста, архитектурата, цртаните филмови, а потоа и професионално да работам на сè што ме инспирираше. Почнав да ги допирам ѕвездите, соништата почнаа да стануваат реалност.
Бев заинтересиран за движењето (кинетика). Не знаев што е уметност, дали некој воопшто создава уметност, не знаев ништо за ликовните изложби. Сликата што ја насликав на 15-годишна возраст (во 1969 г.), панел со насликани форми во разни бои, беше создадена со цел да кружи и така да можам да го видам спектарот на бои што притоа се создава. Конкретната слика со круг, како и другите со органски форми од тоа време беа основа на моето уметничко творештво и тие ме дефинираа како уметник. Според многу уметнички критичари, овој почеток, сликите од тоа време, билe исклучително оригинални во историскиот контекст на уметноста.
Дуалитетот е дел од мојата личност и природно во себе носам (најмалку) две работи. Така, како уметник, јас сум сликар и карикатурист. Но, не сум само уметник, туку сум и колекционер, кој и двете работи ги прави со голема страст. Овие две страсти не си конкурираат. Различни се, но не и спротивставени. Тие се надополнуваат, се испреплетуваат, се предизвикуваат една со друга и растат експоненцијално, на тој начин правејќи ме активен, дури и хиперактивен во светот на уметноста, и како уметник и како колекционер.



Иако Ве препознаваат како мултимедијален уметник, каде Вие лично најмногу се препознавате?

- Во текот на целиот мој живот јас сум бил исклучително активен, и професионално и општествено. Уште од најрана возраст, уште во куси панталони, бев активен со правење цртежи и илустрации што беа објавувани најпрвин во „Колибри“ во „Нова Македонија“, а потоа во „Студентски збор“, „Остен“. Со тек на времето, паралелно цртав карикатури, имав и свој карактеристичен лик и голем успех на полето на уметничката карикатура и сатиричното сликарство. Работата на анимирани филмови и пишувањето палиндоми се истражувања преку кои сум ја задоволувал мојата љубопитност и желба да се изразам во други медиуми, додека постојано работев и истражував во цртежот и сликарството. Но, разновидните искуства ме граделе како уметник, така што денес професионалците во уметноста ме препознаваат како мултимедијален уметник. А јас? Сето ова е исклучително мотивирачко за мене како сликар и како поминува времето, имам потреба да се ослободам од другите активности и комплетно да му се посветам на сликарството.

Последните циклуси од Вашите дела се карактеристични по обилната употреба само на црна боја. Дали црната може да го прикаже богатиот и „разнобоен“ внатрешен свет на уметникот?

- По 50 години творештво во различни медиуми, денес сликам исклучиво со црна боја. На самите почетоци сликав форми во различни бои, кои подоцна ме дефинираа како сликар. Но тогаш уметноста не ми беше во фокусот, ме интересираше кинетиката, движењето. Ми требаа 50 години да сфатам дека црната ги содржи сите бои, па почнав да сликам големи платна со форми и растери врз дебел слој на црна боја врз која светлината, движејќи се, предизвикува бескрајни сензации. Кога започнав да сликам само со црна, покрај од боите, се ослободив и од четките, но што е уметноста ако не „елиминација на непотребното“ (Пикасо)? За мене црната боја значи слобода, целосно ослободување. Сликајќи со црната боја, раката ја чувствувам како крило, слободно дишам и летам, притоа откривајќи сосема нови светови.



Освен дома, доста сте присутни и на светската сцена, а наградите („Ел Греко“ во Солун, „Лоренцо ил Мањифико“ во Фиренца, наградата во Ларнака, Гран при во Варна...) се доказ за тоа. Како се стигнува до место на светската мапа на ликовната уметност?

- Световите што јас ги откривам со црната боја веднаш ги виде професионалната јавност, ги препозна како исклучително значаен придонес во еден ексклузивен сегмент на уметници во историјата на уметноста што сликале со црна боја. Како резултат на тоа, следуваа наградите на разни манифестации низ светот. Различни историчари на уметност и куратори препознаваат различни димензии во моето сликарство. Нивните текстови се објавени во мојата публикација „МИЦКО Мице Јанкуловски – сликарство | Форма III“, која неодамна излезе од печат во ексклузивно издание. Меѓу нив се: Енцо ди Мартино, историчар на уметност од Венеција, Манос Стефанидис, уметнички критичар, куратор и публицист од Атина, Мелани Зеферино, историчар на уметност и куратор, Фиренца, Жолт Петрани, раководител на одделот за современа уметност при Националната галерија на Унгарија, Александр Боровски, раководител на одделот за нови трендови и Лудвиг музејот при Рускиот државен музеј во Санкт Петербург и др.

Освен што и самиот се занимавате со сликарство, јавноста Ве познава и како заштитно лице на „Остен“. Се ближи Остеновото биенале (18 февруари). Како течат подготовките со оглед на пандемијата?

- Ние од минатата година, откако беше веќе извесно дека состојбата со пандемијата ќе потрае, решивме да не се откажуваме од плановите, па ги реализираме сите планирани изложби, само без отворања, без собирање на поголем број луѓе. Така и сега, завршните активности на „Остен - Биеналето на цртеж“ ќе започнат на 18 февруари, но ќе се одвиваат до 18 март, кога официјално ќе ги соопштиме наградите од Биеналето и ќе ги доделиме на оние уметници што ќе бидат присутни, секако, според протоколите за организирање настани од јавен карактер во време на пандемија пропишани од соодветните институции. И покрај сè, имаме најави од повеќе уметници, особено од регионот, дека ќе присуствуваат на настанот. Сигурно ќе имаме можност пропуштеното во иднина да го надоместиме...



Неверојатен е списокот со дела од најзначајните светски сликари што се наоѓаат во колекцијата на Музејот „Остен“. Како успеавте да дојдете до нив? Кои уметници биле најдарежливи?

- Средбите со светските уметници со кои соработуваме се резултат на препораки, лобирање и заеднички напор на членовите од Советот на амбасадори на „Остен“, советодавно тело од пријатели и соработници од цел свет. Големите уметници со кои сме комуницирале се професионалци, со зафатени агенди и многу тешко се доаѓа до нив, но ние сме целосно посветени на нашата мисија преку Биеналето на цртеж и со упорна и соодветна комуникација тоа го покажуваме, а тие го препознаваат, така што средбите се секогаш срдечни и пријателски.
Овогодишните носители на Гран при за животно остварување на Биеналето на цртеж, Илја и Емилија Кабакови, ни приредија вистинско изненадување изјавувајќи желба во колекцијата на Музејот да остават 464 авторизирани листови „Десетте албуми“, што според многу критичари на уметноста се највлијателното дело на Кабаков. Дел од нив ќе бидат изложени на изложбата на Биеналето во Национална галерија на Македонија, во „Мала станица“ на 18 февруари.



И лично се познавате со големи уметнички имиња. Кажете ни за некои од нив? И можеби за некоја интересна средба што Ви останала во сеќавање?

- Средбите со големите уметнички имиња, откако ќе сме обезбеделе средба со нив, што е секогаш вистински предизвик и доста изискувачко во однос на време и упорност, иако сосема различни, биле секогаш срдечни и пријателски. Па, најпосле во тоа е големината на тие луѓе!
Со Јоже Циуха и Владимир Величковиќ бев голем пријател и често се среќававме во текот на долг временски период. Последната средба со Величковиќ ми беше во Венеција, во мај 2019, каде што имав изложба во рамките на Павилјонот на „Остен“, и по само неколку месеци чув дека починал. Кристо ми подари негова публикација со посвета и при пишувањето на моето име Мице се потсети дека мајка му се викала Цвета, па со задоволство го напиша на кирилица...
Со Марина Абрамовиќ сме се сретнале двапати, еднаш во нејзиното студио во Њујорк, а вториот пат во музејот „Бенаки“ во Атина, каде што таа имаше предавање, а ние ѝ ја доделивме статуетката Гран при за животно остварување на Биеналето на цртеж во 2014 г. Таа е секогаш многу едноставна и срдечна, спремна за пријателски разговор и шега. Тони Крег ни посвети поголем дел од денот и нè прошета низ неговото студио, како и во Паркот на скулптурите, огромно земјиште, шума во Вупертал, Германија, каде што се поставени скулптури на отворен простор (негови и на негови пријатели скулптори) и три изложбени простори за скулптори, кои се со исполнета програма за изложби 3 години однапред.. Пјер Сулаж го сретнавме во неговиот дом во Сет, Франција, на негова 99-годишна возраст и се препознавме во сликарството, тој постојано ме прашуваше за мојот начин на сликање со црната боја.. Имавме договорена 45-минутна средба, а останавме скоро цел ден! Со Илја и Емилија Кабакови требаше да се сретнеме во мај минатата година, но поради состојбата со пандемијата, средбата се одложи за прв момент кога ќе биде можно, така што таа средба ќе биде сигурно следна, а судејќи според нивната срдечна покана да ги посетиме во нивниот дом на Лонг Ајленд, повеќе од сигурно дека средбата ќе биде пријателска и интересна. Секоја средба со овие луѓе сама по себе е вредност и привилегија.



Познат сте како колекционер долги години, кое е најскапото дело што го поседувате, или највредното, или кое Ви е најмногу при срце?

- Мене делата ме сакаат и доаѓаат кај мене зашто цел живот сум бил посветен на уметноста и колекционерството. Секое дело е посебна приказна и секое има посебно место. Не можам да кажам кое е највредно зашто – што е вредноста? Комерцијалната? Емотивната? Тоа е многу релативно. Овде би сакал само да направам компарација со чувството што сум го имал како студент кога патував во Виена на изложба на Пикасо, кога бев пресреќен што сум видел, а не сум можел ниту да сонувам дека некогаш ќе држам в рака негово дело – за сега во колекцијата да имаме 85 дела од Пикасо! Самиот Пикасо убаво кажал: „Сè што ќе замислиш е реално. Треба само да се сонува.“

Имате ли институционална поддршка бидејќи се работи за ретка збирка, која, што е сосема ретко кај нас, е приватна?

- Односот на институциите кон „Остен“ и колекцијата на Музејот на цртеж не е системска. Тоа се должи и на недоволната информираност за соодветен третман на институции како нашата, а за волја на вистината, и на недоволната законска регулатива за обезбедување соодветна институционална поддршка. Колку што ми е познато, ние сме првата и единствена приватна институција од културата во областа на визуелните уметности во Македонија, па ние дејствуваме со јавна дејност за која сè уште нема сопствени искуства и воспоставени практики. Но затоа, приватните колекции и музеи се нормална практика во поразвиените земји во светот и сигурен сум дека постојат позитивни искуства кои можат да се приспособат и да се надградат според нашите услови во општеството. Со интензивните активности од нашата програма постојано ги покажуваме нашите вредности, можности и потенцијали. Најпрвин преку светски афирмираните манифестации: Светската галерија на карикатури (основана 1969, најстарата манифестација од овој вид, формирана од прогресивната заедница од целиот свет); подоцна воспоставените две биенални меѓусебно поврзани манифестации од современата уметност: Биеналето на цртеж (се одржува во парните години) и Биеналето на наградени автори (се одржува во непарните години), потоа преку галериските изложбени активности, а најпосле и преку музејската дејност, која еве со оваа изложба ја промовираме во јавноста. Тука особено е важна и издавачката активност, а сите активности многу професионално и квалитетно се документирани во каталози и публикации. Посебен дел е библиотеката на графички мапи „Светско културно наследство“, која во моментов брои повеќе од 350 авторизирани портфолија на најголемите меѓународни уметници од нашето време. Досега, „Остен“ конкурира за средства во Министерството за култура проектно, на конкурсите за поддршка на проекти од национален интерес, заедно со сите уметници, културни работници, здруженија, кои можеби тукушто започнале со својата дејност. Значењето и вредностите што „Остен“ ги испорачува во јавноста преку своите активности се неспоредливи со поголемиот дел од оние со кои се наоѓа во ист кош при донесувањето на одлуките за поддршка од страна на Министерството за култура. За ова, сигурен сум, се свесни и лицата што ги раководат институциите, но во моментов нема друг начин. Со голем интерес и нетрпение го чекаме изгласувањето на Законот за јавна дејност во културата во Собранието, со кој ќе се овозможат и други, посуштински начини на финансирање на институции како нашата (приватна институција што врши јавна дејност), со што ќе обезбедиме далеку попрофесионални услови во работењето. Сето ова уверен сум дека набрзо ќе наиде на соодветна институционална поддршка.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема