Во галеријата на Македонското културно друштво „Охридски бисери“ во Нова Горица, Словенија, беше отворена изложбата што ја подготви Државниот архив: „150 години од раѓањето на Гоце Делчев” (1872 – 2022).
На отворањето на изложбата се обратија македонската амбасадорка во Република Словенија, Сузана Зеленковска, претседателот на Клубот, Боро Митовски, градоначалниците на општина Нова Горица, д-р Клемен Миклавич, и на Шенпетер, Милан Турк, како и директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески. Притоа, во чест на гостите беше изведена и пригодна културно-уметничка приредба.
Изложбата, како што соопштија од Државниот архив, е презентација на архивски документи и фотографии што го прикажуваат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, а најмногу како идеолог и еден од главните организатори на Македонското национално-ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Од Државниот архив посочуваат дека сите овие нивни активности се во интерес на зачувување на нашето минато, на нашата историја, култура, традиција и обичаи, потсетување на значајни настани и личности, нивно чествување, како долг спрема нашите предци, но и за сегашните и идните генерации на кои историјата и минатото треба да им бидат светилник за иднината и темел за нашето опстојување на овие простори.
- Една од основните дејности на Државниот архив е всушност да ги чува оригиналните значајни историски документи и материјали и тоа е наша обврска како институција, со што го оправдуваме епитетот дека сме еден од главните столбови на нашиот национален идентитет – истакна, меѓу другото, директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.
Изложбата во Нова Горица, каде што живеат и работат околу 3.000 македонски државјани, ќе биде поставена еден месец, а потоа ќе биде претставена и во други македонски клубови во Словенија и во Хрватска, и тоа во Крањ, Љубљана, Целје, Копер, Риека, Загреб, Вараждин, Осиек и Ѓаково. Во оваа пригода Македонското културно друштво „Охридски бисери” на Државниот архив му додели плакета за успешна соработка во областа на историјата и културата.
Извор: МИА