Можеби веќе некое време ви е јасно дека вашиот автомобил не е во цутот на младоста и дека со него всушност живуркате од технички до технички со добри подготовки претходно и крпење на сè што не чини. Но, во нашата земја и нема многу луѓе што можат да си дозволат целосно нови автомобили, па веќе сме осудени на тоа што го имаме, барем додека не се собере некоја илјадарка за малку понов половен автомобил.
Дотогаш се поправа главно нужното и со поевтини делови, на естетиката на лимот веќе не се посветува внимание, но тука е и поважното: прашањето на комфорот при возењето и особено сигурноста бидејќи е понеудобно да се вози автомобил кој испушта чудни звуци, занесува или троши премногу, како и фактот дека сè почесто му вртите на механичарот...
Значи, дошол моментот кога треба да се одлучите дали да продолжите да го поправате автомобилот или да се ослободите од него дури и ако поради многуте години поминати заедно сте сентиментално поврзани, без оглед на сè почестите дефекти.
Во продолжение ви пренесуваме преглед на знаци што посочуваат дека вашиот автомобил откажува, како и неколку совети што ќе ви помогнат да донесете одлука - дали да го поправате или да барате понов...
Се тресе при поаѓање и запирање
Веднаш треба да знаете - станува збор за преносот, а сите поправки во врска со тоа се скапи. Така, ако забележите дека при забрзување или кочење автомобилот се тресе, а сето тоа е проследено и со чкрипење или невообичаени звуци, веројатно е време да се помирите со тоа дека нешто навистина не е во ред и да се обидете да побарате подобар автомобил.
Има корозија
Појавата на 'рѓа е знак за аларм бидејќи брзо се шири и колку побрзо го санирате тоа, толку подобро. Меѓутоа, во зависност од големината на зафатеното подрачје, тој проблем многу често се игнорира бидејќи станува збор за не толку евтин зафат.
Хемикалиите што ги ставаат на улиците во текот на зимата ги јадат бојата и лимот. Кога ќе се појави 'рѓа, таа многу брзо се шири. Пропуштањето вода, исто така, има тенденција да нанесе голема штета бидејќи водата што останува на скриените места во каросеријата предизвикува корозија. Двата проблема треба да се анализираат темелно за да се процени колкава е штетата.
Течење на течности
Слично како и човечкото тело, автомобилот бара течности за да функционира. Ако морате секој месец да дополнувате некоја од виталните течности во автомобилот - разладувач, масло во моторот, масло за кочниците или течност за серво-волан, тогаш е само прашање на време кога, а не дали системот ќе откаже. Не можете така засекогаш...
Зголемени трошоци
Кога сте го купиле, на пример, вашиот теренски автомобил со жив турбобензинец, можеби цените на горивата не биле високи како денес. Сега самото точење гориво ја расипува вашата финансиска слика и го нарушува куќниот буџет, па би требало да размислите дали тој автомобил сè уште е најдобра опција за вас или можеби треба да побарате нешто поштедливо.
Цени за поправка
Пред да потрошите многу пари на генералка на моторот или на скапа замена на некој витален дел на автомобилот, запрашајте се за колку би можеле да го продадете додека сè уште е во погон и можете ли да го искомбинирате приходот од продажбата со парите кои инаку би ги потрошиле на поправка да купите понов и подоверлив автомобил.
Ламбички, ламбички...
Најраниот знак за истрошен автомобил се појавува на контролната табла. Сите тие мали предупредувачки светла се важни, а нивното занемарување би можело да доведе до повеќе проблеми. Не игнорирајте ги! Ако ви свети ламбичката „check engine“ за контрола на моторот, треба што поскоро да го однесете автомобилот кај механичар. Ако ви засвети ламбичката за притисокот на маслото, најдобро е веднаш да застанете. Ако повеќе ламбички се палат сè почесто, побарајте друг автомобил.
Километража и гаранција
Фабричката гаранција носи мир. Ако сте купиле автомобил со проширена гаранција, уште подобро, но секако читајте ги ситните букви кај основната гаранција. На пример, гаранцијата трае пет години, но проверете и по колку километри завршува. Ако возите многу и сте ги извозиле тие километри за четири години, гаранцијата ви е истечена. Прашање е дали ќе доплатите за продолжена гаранција или ќе побарате друг автомобил.
Чадот од ауспухот
Синиот чад од ауспухот значи дека вашиот автомобил бара масло, а ако се појавува бел, значи дека во моторот доаѓа разладна течност и не е само испарувањето на кондензатот во издувниот систем. Црниот чад кај бензинците е знак дека согорува премногу гориво, па проверете го филтерот за воздух, а можни се и посериозни проблеми.
Можете и да го игнорирате сето тоа и да продолжете да ја додавате која било течност во моторот за да можете и понатаму да возите, но не предолго, а ако не направите ништо, тоа ќе резултира со чад кој ќе почне да се појавува под хаубата - тогаш е време за скапа поправка или нов автомобил.
Прескокнување на сервисите
Редовното подмачкување на моторот на вашиот автомобил е клуч на одржувањето. Прескокнувањето на редовното одржување на крај може да предизвика брегастата осовина на вашиот автомобил веќе да не е синхронизирана со клиповите, што доведува до звук на „отчукување“, кој е знак дека нешто не е во ред. Тоа значи поскап дефект и обично е време во тој момент да почнете да штедите за нов мотор.
„Заспан“ менувач
Ако станува збор за рачен менувач, непрецизните промени и побавното менување се помали проблеми. Механиката се поправа со помалку пари, но ако имате автоматик, кој притоа има сè побавни реакции, тоа е знак дека е при крај. Кога веќе не менува брзини, пред вас се уште неколку километри и неизбежна капитулација на менувачот. Поправката е скапа и време е за друг автомобил.
Фотографии: Freepik