Дигитализација на општеството – закана или благослов, зависи од нас!
На прагот сме на нова индустриска револуција, сè почесто се зборува за роботика, вештачка интелигенција...технологијата многу брзо ќе го смени светот каков што го знаеме. Што оваа промена ќе донесе, кои се предизвиците со кои ќе се соочиме и како да влијаеме на нашата иднина, разговаравме со Никола Љушев, инженер по вокација и Главен извршен директор на Македонски Телеком
Сведоци сме на секојдневни технолошки иновации, напредокот се случува многу брзо и тоа влијае на сите нас. Влегуваме во нова ера, нова индустриска револуција, нашето општество станува дигитално, што ќе се смени...
- Сѐ! Дигитализацијата ќе ја преземе секоја клетка на нашето општество без исклучок. Се соочуваме со огромни промени, но сѐ уште како да не сме свесни за каква промена станува збор и колку брзо светот ќе се смени. Не само што ќе се комбинираат физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет, туку веројатно ќе се смени и самата суштина, па и природата на човекот, каков што постои денес. Со развојот на вештачката интелигенција ќе се доведе под прашање: што воопшто значи да се биде човек. Досега човековата еволуција се случуваше во релативно долг временски период по природен пат. Спојувањето на дигиталните можности во биолошките системи може да придонесе да продолжиме да еволуираме во сосема нова насока, преку вградени сензори и процесори да ги надминеме биолошките ограничувања во когнитивните способности и на тој начин да еволуираме многу брзо. Генерацијата која во моментов ја населува нашата планета ќе го сведочи сопствениот премин во нова еволутивна фаза.
Факт е дека секоја индустриска револуција носи големи промени, но секогаш има две страни на паричката. Дали сте оптимист или песимист?
- Секогаш сум на страната на прогресот, затоа што новото време доаѓа сакале ние или не. Возот веќе тргнал во таа насока. Но, јас верувам дека ние треба и може да сме креатори, а не пасивни посматрачи и оттаму оптимизмот. Ако сакаме трансформацијата да успее,треба да создадеме општество со можности за сите: бизнис, политика, наука, и пред и над сѐ– граѓаните, односно нивните права. Треба уште отсега да почнеме да работиме на „добрите“ сценарија, да речеме, со автономните возила ефикасноста на ресурсите ќе се зголеми за 30 до 40%, ќе можат да се прават операции на далечина, персонални дигитални асистенти ќе ги советуваат луѓето како поздраво да живеат, техниките на рециклирање ќе бидат многу напреднати... Но, не треба да заборавиме дека технологијата е алатка што може да се злоупотреби. Треба да го свртиме вниманието кон делови од прогресот кои не се доволно критички анализирани, а не да го отфрлиме самиот прогрес. Мислам дека никогаш досега во човечката историја не сме биле толку добро позиционирани. Имаме предизвици, но можностите кои се отвораат, отвораат и ново поглавје за човештвото. Уште повозбудливо е што прогресот доаѓа галопирачки и ние самите ќе ги сведочиме тие промени.
Вештачка интелигенција ќе биде многу важна за ова ново поглавје на човештвото. Но останува прашањето дали таа е закана или благослов?
- Тоа зависи само од нас. Ние треба да создадеме систем на вештачка интелигенција кој ќе делува морално, ќе ја изразува нашата волја и ќе биде достапен што е можно пошироко, што повеќе луѓе да имаат бенефит. Вештачката интелигенција може да ни помогне на многу начини, особено во комбинација со роботиката, да живееме подолго, поздраво, да спасуваме животи, да предвидуваме елементарни непогоди. Но, постои голем ризик, а него повеќе го гледам во можноста мал број одбрани да ја искористат технологијата за да го завладеат светот, отколку во тоа вештачката интелигенција да се сврти против нас. Вештачката интелигенција во голема мера ќе влијае врз нашите животи, ќе го обликува начинот на кој ќе живееме. Затоа е многу важно да развиеме принципи, рамки по кои таа ќе се развива. Многу е важна транспарентноста, патентите и истражувањата да бидат отворени за јавноста, треба да отвориме дискусии што роботиката и вештачката интелигенција ќе направат за нас, нашата работа, образованието, здравството и воопшто за социјалниот живот. Вистинско време е да развиеме дигитална одговорност.
Велите дигитална одговорност, што точно значи тој термин?
- Дигиталната одговорност е најголемиот предизвик на денешницата, на сите нас како креатори на дигиталното општество. А тргнува од едноставна поставка – дека технологијата и иновациите секогаш и над сѐ треба да им служат на луѓето. И луѓето треба да одлучат што може, а што не може да се прави со технологијата. Затоа што истата технологија може да се искористи и за добро и за зло. Алгоритмите ќе можат да детектираат болести уште пред да се појават првите симптоми, но исто така можат да се искористат за целосно лишување на луѓето од приватност. Токму сега е време да почнеме да се бориме за хуманизирано дигитално општество, и да, вештачката интелигенција може да ни помогне, сѐ додека работиме заедно за да ја насочиме во вистинскиот правец. Одговорноста е на сите, ваша, моја, на политичките лидери, на лидерите на корпорациите, невладините организации, економските лидери, на инфлуенсерите во социјалниот живот, на едукаторите. И не е едноставно, ќе треба да најдеме заеднички јазик, да работиме заедно, само така ќе можеме да влијаеме.
Роботика, вештачка интелигенција, интернет на нештата, која технологија се крие зад сето ова?
- Технологијата на новата генерација – 5G. Оваа технологија за човештвото ќе биде она што парната машина беше за првата индустриска револуција, електричната енергија за втората, а компјутерите и информатичките технологии за третата. 5G ќе донесе квантен скок во три димензии: екстремно брз податочен проток со брзини од неколку Gbps по корисник, енергетски ефикасна комуникација на огромен број машини/сензори и ултра доверливи комуникации во реално време. Токму доверливата комуникација во реално време ќе биде една од главните придобивки на 5G технологијата. Минатата недела, во Барселона беше изведена првата хируршка операција на далечина со помош на 5G. Докторот кој ја водеше операцијата им даваше совети и техничка помош на тимот лекари на оддалеченост од 5 километри од болницата. 5G овозможи пренос со доцнење од 0,01 секунда, наспроти 0,27 секунди со 4G мрежата, која сега се користи во светот. Во иднина вакви операции докторите ќе можат да изведуваат со роботизирана рака.
Какви подготовки се потребни за 5G?
- Најголем дел од инвестициите на Телеком операторите во наредните години ќе бидат за воведување на новата технологија, секако доколку сакаат да опстојат на пазарот. Потребни се сериозни, мултимилионски инвестиции за да се изгради нов екосистем. Телеком операторите преку нивните мрежи сега имаат многу важна задача, ние треба да ги изградиме „крвните садови“ на новиот свет, даго овозможиме влезот во новата ера. За тоа се потребниинфраструктура и капацитет за инвестиции. Нашите мрежи ќе го отворат патот на дигиталното општество.
Кога можеме да очекуваме 5G во Македонија?
- „Дојче Телеком“ интензивно започна да се подготвува за воведувањето на оваа технологија. Ние како „Македонски Телеком“ одиме во чекор со европските земји. Тоа што сме мала земја не значи дека заостануваме, напротив. Почнавме интензивно да работиме на тест на имплементација на 5G технологијата. Очекуваме до крајот на оваа година да имаме тест на платформа која ќе ни помогне да добиеме искуства во реално опкружување и да ги евалуираме најперспективните бизнис модели. Во зависност од тестирањата кои ќе ги вршиме во текот на 2020 година, ќе бидеме во состојба да донесеме одлука за тоа кога ќе биде вистинскиот момент да се влезе во комерцијалната фаза. Првите 5G телефони веќе срамежливо се појавуваат на светскиот пазар, се разбира, како и вообичаено, започнувајќи во премиум сегментот. Очекуваме финализацијата на 5G стандарот да се случи во наредните неколку години, така што првата целосна имплементација на 5G со сите напредни функционалности се очекува околу 2025 година.
Како оваа технологија ќе влијае на секојдневниот живот, како може да ни помогне нам локално?
- Самиот збор локално не е адекватен, затоа што светот генерално и глобално ќе се менува. Но, новата технологија и тоа како може да ги реши проблемите со кои се соочуваме, да имаме почист воздух, заради добро користење на ресурсите, паметни градови и домови, да имаме побрзи административни процеси со нејзина помош. Да научиме како да ги зачуваме природните ресурси што ги имаме, но и да заработуваме од нив. Со помош на смарт решенија да го водиме земјоделството, да правиме вино или да произведуваме мед... Во тие процеси, треба сите да работиме заедно: големите компании, институциите, младите нови стартапи кои ќе нудат решенија. Тоа е заедничка задача на сите општествени чинители. Ние ја имаме технологијата со која може да се направи тој пресврт. Имаме можност да ги поставиме темелите на македонското е-здравство, е-образование, е-администрација и тоа е само почеток, основа за големите промени што ќе следат.
Кој технолошки напредок најмногу Ве одушевил?
- Нано-медицината и можноста со помош на напредни технолошки достигнувања да се детектираат и поправаат „техничките“ грешки во човечкиот организам. Тоа би бил патот по кој трајно би се лечеле дегенеративните болести, би се запирал процесот на стареење на ткивата и би се пролонгирало живеењето, со потенцијал целосно да се редефинира животот на земјата, односно она што сме го сметале за живот досега.
Каков совет би им дале на помладите генерации?
- Студирајте математика, програмирање, роботика, не е вистинскиот одговор, тоа не е добар совет. Затоа што не знаеме и не можеме точно да предвидиме кои професии ќе постојат воопшто и дали тоа ќе бидат „класични“ професии. Но, можеме да го смениме аголот на гледање на нештата. Целиот наш едукативен систем треба да направи ментален пресврт. Едукацијата треба да се радикализира. А и технологијата треба да научиме да ја користиме за добро, таа може да нѐ направи дигитални зависници или идни научници, изборот е наш. И концептот на диплома и оценка нема да биде валиден. Не само младите генерации, туку сите ние треба да развиеме принцип на постојано учење во сите возрасти. Едноставно, не смееме да прекинеме да учиме, особено во светот во кој нештата се движат со брзина на светлината. Треба да останеме отворени и љубопитни. Немаме друг избор.
Извор: „Портрет“, март 2019