X
 13.03.2020 Наука

Важни живи суштества што нашата планета не смее да ги изгуби

Иако секое суштество на Земјата има своја улога, кога зборуваме за одржување на животот на нашата планета, некои видови едноставно се поважни од другите.

Намалувањето на биодиверзитетот преку изумирање на видовите несомнено доведува до нарушување на здравјето и функцијата на екосистемот. „Дојче веле“ направи краток список со видови без кои не би можеле да преживееме и за чиј опстанок мораме да се погрижиме.

1. Пчели

Не е тајна дека пчелите се од витално значење - всушност, тие беа прогласени за најважниот вид на Земјата од страна на Кралското географско друштво. Како најголеми опрашувачи на светот, пчелите играат голема улога во животниот циклус на многу растителни видови и помагаат во одржувањето здрави екосистеми. Исто така, тие се одговорни за опрашување на многу култури што ги јадеме.

2. Мравки


Можеби понекогаш ги сметаме за штетници, но мравките се уште еден инсект што никогаш не треба да го земаме здраво за готово. Тие можат да се најдат на секој континент, освен Антарктикот, и да имаат најразлични улоги, од циркулирање на хранливи материи во почвата, до распространување на семето и јадење други инсекти. Научниците во моментов го проучуваат можното влијание на климатските промени врз колониите на мравките низ целиот свет.

1

3. Габи


Габите понекогаш се опишуваат како „петтото кралство на животот на Земјата“. Можат да се најдат во водата, почвата и воздухот. Во суштина дејствуваат како природни рециклирачи на хранливи материи во светот, а некои видови можат дури и да апсорбираат штетни метали како жива и да варат полиуретанска пластика.

4. Фитопланктон


Тешко е да се разбере колку се важни овие микроорганизми за животот на Земјата. Тие произведуваат повеќе од 50 отсто од атмосферскиот кислород на планетата - без нив, количината на слободен кислород во атмосферата би била многу пониска, со што би се создало многу непријатно опкружување. Тие, исто така, се основата на синџирот на исхрана во морските екосистеми.

5. Лилјаци

Што имаат заедничко бананите, баобаб-дрвјата и текилата? Сите тие зависат од лилјаците за опрашување и регулирање на инсектите. Во светот различни видови лилјаци исполнуваат витална еколошка нишка за да обезбедат одредени култури да напредуваат. Здравата популација на лилјаци може да замени пестициди во вредност од милиони долари и тие се важен знак за стабилен екосистем.

6. Црви

Црвите се толку важни за биосферата на Земјата што понекогаш се нарекуваат „инженери на екосистемите“. Тие имаат зафатен живот, збогатувајќи ја почвата и рециклирајќи органски материјал и, секако, заземаат незаменливо место во синџирот на храна.

7. Примати

Како наши најблиски живи биолошки роднини, приматите нудат голем увид во човечката биологија. Исто така, тие се клучен вид во многу тропски шуми и служат како „градинари“ со распространување на семето и создавање места каде што можат да растат нови растенија. За да можат шумите да преживеат и да напредуваат, треба да го обезбедиме опстанокот на примати што живеат во нив.

grebeni

8. Корали

Честопати наречени дождовни шуми на морето, коралните гребени исполнуваат разновиден спектар на улоги, од служење како основа за комплексна мрежа на храна до заштита на крајбрежјето. Истражувачите проценуваат дека коралните гребени поддржуваат дури четвртина од морскиот живот, што ги прави еден од најразновидните екосистеми на Земјата. Загубата на коралните гребени би значела губење на безброј морски видови.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука