X
 13.04.2023 Наука

НАСА претстави центар за симулација на живот на Марс

Американската вселенска агенција НАСА претстави нов центар за симулација на живот на Марс, кој содржи четири мали соби, вежбалница и многу црвен песок. Волонтери ќе живеат во центарот цела година за да тестираат како би изгледал животот на Марс за идните мисии.

Местото се наоѓа во огромниот истражувачки центар на НАСА во Хјустон, Тексас. Оваа година четири волонтери ќе почнат да живеат таму, при што НАСА ќе го следи нивното физичко и ментално здравје за да сфати подобро колку долго луѓето може да издржат во изолација.

Според Грејс Даглас, водечки истражувач во експериментите, со овие податоци НАСА ќе може да разбере како астронаутите ќе користат ресурси на Марс.

- Можеме да почнеме да разбираме како да ги поддржуваме со она што им го обезбедуваме, и тоа ќе биде многу важна информација за да се направат клучните одлуки за ресурсите - изјавила таа.


Волонтерите ќе живеат во куќа со површина од 160 квадратни метри, која има две бањи, вертикална градина, соба за медицинска нега, простор за опуштање и неколку работни простори. Во центарот има и опрема која астронаутите најверојатно ќе ја користат на Марс, како метеоролошка станица и машина за правење цигли.

Четирите доброволци ќе користат и патека за трчање за да симулираат долги патувања надвор за собирање примероци, собирање податоци или градење.

Извор: Euronews
Насловна фотографија: НАСА
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука