X
 13.04.2024 Технологија

Како правилно да го исчистите вашиот паметен телефон

Паметните телефони ги користиме секој ден, па не е чудно што нечистотијата брзо се таложи и на нив и во нив. Во продолжение прочитајте неколку совети и трикови за темелно чистење на вашиот уред.

Што да избегнувате при чистењето на паметниот телефон

Да почнеме со водата. Иако во некои ситуации ќе ви треба, сепак, никогаш не нанесувајте вода директно на паметниот телефон, туку намокрете крпа и потоа избришете го екранот со неа. Избегнувајте абразивни материјали или многу силни хемикалии за да не ги оштетите екранот, леќите на камерата и другите чувствителни делови. Наместо тоа, изберете производи за чистење кои се безбедни за паметните телефони - да речеме, изопропил или етил алкохол, мала количина вода...

Како да го исчистите екранот на вашиот паметен телефон

Најдобро е да користите крпа од микрофибер за чистење на екранот бидејќи тоалетната хартија, кујнските крпи и слични материјали можат да остават влакненца на екранот. Што се однесува до средствата за чистење, користете ги гореспоменатите алкохоли, мала количина вода или марамче за дезинфекција.

Нанесете само мала количина течност на крпата од микрофибер, без разлика дали користите вода или алкохол. Откако мал дел од крпата ќе се навлажни, нежно тријте преку екранот на телефонот со мали кружни движења. Треба да го направите ова неколку пати за да ја соберете целата нечистотија.

Избегнувајте ги предните звучници и рамки и фокусирајте се на екранот. Течноста не смее да влезе во уредот. Потоа, можете да го избришете телефонот со сува крпа од микрофибер за да ја отстраните преостанатата прашина и нечистотија. Истата постапка можете да ја повторите кога ја чистите и задната страна на паметниот телефон. Кога станува збор за објективите на камерата, направете го тоа многу нежно.

Како да ги исчистите отворот за полнење и слушалките на паметниот телефон

Мора да бидете многу внимателни кога чистите некој од жлебовите за да не го оштетите. Постојат неколку начини за чистење на отворот за полнење или слушалката на паметниот телефон.

Можете да користите компримиран воздух за да ги издувате остатоците од отворот. Можете, исто така, да користите памучна вата или чепкалка за заби завиткана во памук за чистење на конекторите. Ова може да биде малку ризично бидејќи не сакате да оставите влакненца во жлебот или да оштетите нешто внатре. Задолжително користете сув памук и не притискајте премногу силно на отворот. Ако има видливи остатоци поблиску до надворешната страна на еден од отворите, можете директно да го изгребете со чепкалка за заби. Не притискајте премногу длабоко и премногу силно.

Како да ја исчистите камерата на паметниот телефон

Памучното стапче е најдобрата опција за чистење на камерата на паметниот телефон бидејќи може да влезе таму каде што крпата не може. Можете да користите сув памук, но за најдобри резултати, додајте мала количина алкохол за триење. Нежно тријте го секој објектив на камерата со кружни движења, внимавајќи да не притискате премногу силно. Наместо тоа, држете памук (идеално е да е натопен во алкохол) на нечистотијата десет до дваесет секунди и проверете дали тоа ќе го реши проблемот.

Како да ја исчистите футролата за паметен телефон


Ако имате пластична футрола за телефон без налепници, потопете ја во топла вода со сапуница еден час. Наместо натопување, можете да користите и влажна крпа или марамче за дезинфекција, а потоа да користите памук натопен во вода или алкохол за да ги исчистите аглите и другите тешко достапни места.

Ако футролата за паметен телефон вклучува заштитник за екранот, користете крпа од микрофибер натопена со малку вода или алкохол.

Како да отстраните налепници од паметен телефон

Ставете крпа натопена со топла вода на налепницата и држете ја кратко време. Ова треба малку да ги олабави рабовите на налепницата за да бидат подготвени за отстранување. За да го поттикнете ова, можете нежно да ја триете налепницата со влажна крпа. Потоа излупете ја. Можеби ќе можете лесно да го направите ова, но најверојатно ќе остане малку лепило.

Ако нечистотијата е упорна, повторно нанесете малку алкохол или отстранувач на лак за нокти и користете тап предмет, како што е кредитна картичка или пинцета за веѓи, за да ги отстраните остатоците.

Извор: Tportal.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија