Новиот претседател на Мексико има план за декриминализација на сите дроги и се надева дека САД ќе одат по неговите стапки.
Во неодамна објавениот Национален план за развој за 2019-2024 година на претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор се проценува дека меѓународната војна против дрогата не успеала. Затоа тој верува дека е време Мексико и други нации да ги укинат забраните за илегалните дроги. Тоа е храбар план кој би можел да сигнализира нова ера во легализацијата на дрогата или, пак, да предизвика меѓународно исмевање.
Новиот план сугерира пренасочување на сите пари што моментално се трошат на политики за илегалните дроги кон програми за помагање на корисниците да се исчистат и повторно да се вклучат во општеството - позиција која ја фалат многу бранители на реформирањето на дрогите, меѓу кои е и Марија Мекфарланд Санчез-Морено, извршна директорка на Сојузот за наркополитика.
- Претседателот на Мексико со право идентификува еден од поголемите двигатели на насилство и корупција во неговата земја: забраната на дрогата. Следниот чекор е преведување на зборовите во акција преку домашна и меѓународна агенда за реформа на политиките за дрога, заснована на почит кон човековите права - вели таа.
Некои од тие реформи веќе се случуваат северно од мексиканската граница.
Во некои држави од САД се легализира канабисот (не само за медицински, туку и за рекреациски цели), а минатата недела жителите на Денвер гласаа за декриминализација на магичните печурки.
Сепак, на федерално ниво, САД се претежно посветени на забраните и може да е потребно повеќе од зборовите на мексиканскиот претседател за да се
промени тоа.