Голем дел од Мајами, еден од најпосетените градови на светот, во следните 80 години би можел да се најде под вода, сметаат научниците. Овој град, кој е на помалку од два метра надморска височина, уште сега се соочува со поплави поради зголемувањето на нивото на морето дури и кога нема обилни дождови.
Сепак, пазарот на луксузни недвижности во Мајами цвета, а како што потврдуваат тамошните агенти за недвижности, богатите купувачи не се загрижени поради климатските промени и прилично големата можност од поплави, па не се двоумат околу купувањето нови луксузни апартмани.
- Не постои сценарио според кое Мајами каков што го знаеме денес ќе постои на крајот од овој век - смета авторот Џеф Гудел.
Поплави во Мајами во 2017 година
Фото: Jutarnji
Процените околу тоа колку ќе се зголеми нивото на морето се различни, но според американската Канцеларија за океанологија, до 2100 година тоа би можело да достигне речиси два метра, значи онолку колку што е и просечната надморска височина на Мајами.
Сепак, сè повеќе богати бизнисмени со своите фамилии решаваат да ги напуштат сојузните држави како Калифорнија и Њујорк, каде што даноците се високи, и се селат во подрачјето на Мајами за да го искористат статусот на Флорида како држава која не ги оданочува нивните приходи. Многу од нив сакаат да се доселат баш на брегот, во луксузни апартмани и станови.
- Моите клиенти не носат одлука за купување недвижности врз основа на тоа што би можело да се случи за сто или повеќе години - истакнува Дина Голдентајер, извршна директорка за продажба во агенција за луксузни недвижности од Мајами.
Таа додава дека луѓето едноставно сакаат да уживаат во своето богатство со своите фамилии во своите луксузни домови.
Фото: Jutarnji
Одри Рос, потпретседателка на агенцијата „Компас“ од Јужна Флорида, вели дека досега никој од нивните клиенти не го споменал прашањето за зголемувањето на нивото на морето при купувањето на луксузните недвижности. Во луксузниот кварт каде што живее таа на проблемот му се пристапува со градење повисоки насипи кои би требало да штитат од поплави.
- Мислам дека овој предизвик за многумина е предалеку во иднината за сега да бидат загрижени и да го менуваат својот луксузен животен стил - вели таа.
Оние, пак, што во своите калкулации при избирање недвижности мислат и на зголемувањето на нивото на морето, се решаваат за купување станови на повисоко, но, како што пишуваат западните медиуми, колку и да се луксузни и скапоцени тие имоти на повисоко, не се имуни на кревањето на морското ниво. Се чини дека, барем засега, пазарот на луксузни недвижности расте токму како што полека, но сигурно се зголемува и нивото на
морето.