X
 18.10.2023 Живот

Приморски град што ги спасил данските Евреи за време на Втората светска војна

Есен на данската ривиера, составена од низа рибарски села по должината на брегот, еден час северно од Копенхаген. Градот Гилелаје нуди идилична скандинавска сцена, но не било секогаш така мирно.

Пред 80 години, во октомври 1943 година, овој дел претставувал пат за бегство на данските Евреи. Ако не успееле да ја преминат водата од окупираната Данска и да преминат во неутралната Шведска, тие се соочувале со депортација и можна смрт во концентрационите логори во Европа.

Благодарение на храброста на данскиот народ, особено рибарите и луѓето од овој град, како и другите граѓани што живееле по должината на данската ривиера, 7.056 Евреи од вкупно 7.800 преминале во Шведска. Ова било поздравено како еден од најголемите акти на колективен отпор за време на Втората светска војна.

Овој октомври, градот го открива новиот споменик по повод 80-годишнината, во обид да се пренесе пораката до пошироката јавност.

- Летото 1943 година работите не оделе премногу добро за Германија во војната. Данскиот отпор станувал похрабар и август бил обележан со штрајкови и саботажи низ целата земја. Затоа, Хитлер одлучил да им одржи лекција на Данците и наредил собирањето на данските Евреи кое требало да се случи во септември да се одложи за почетокот на ноември - објаснува Лиза Тoмлинсон, локален туристички водич.

grad
Фото: Wikipedia

Данската влада на почеток соработувала со германскиот режим, но по три и пол години ѝ било доста. На крајот од септември на политичарите и рабините им беше кажано дека данските Евреи треба да избегаат и дека тоа треба да биде направено за брзо време затоа што нацистите планирале да ги соберат ноќта помеѓу 1 и 2 октомври. Најбезбедниот пат бил да се земе воз од градот Гилелаје и да се најде премин преку протокот Ересунд до Шведска.

Во 1943 година Гилелаје бил рибарски град со население од околу 1.700 жители, каде што сите се познавале. Германските војници биле стационирани во блискиот хотел и постојано шетале низ улиците на градот и околу пристаништето. Но, локалните жители одлучиле да помогнат и ги криеле Евреите до доцна во ноќта, кога можеле да се качат на чамци и да избегаат.

- Постоело нешто што Хитлер целосно погрешно го сфатил. Иако станувало збор за Евреи, овие луѓе биле Данци. И нормално, народот си помага во криза - вели Сорен Франдсен, автор на книгата „Патот до слободата“.

Одговорноста да им се помогне на другите што биле во опасност била вкоренета во религиозната рибарска заедница во градот. Храбри и запознаени со опасноста, рибарите ја знаеле вредноста на соработката, создавањето социјална мрежа и здружувањето за да си помогнат.

- Ставот на рибарите беше дека им помагаат на луѓето кои имаат потреба од помош - вели 83-годишната Тове Удшолт, која била едно од 135. еврејски деца што биле заштитени од германските војници.

Жителите на градот брзо се мобилизирале, нашле безбедни куќи, снабдиле храна и ќебиња за луѓето што се криеле и собрале пари за да им помогнат на сите што не можеле да го платат патувањето.

2
Железничката станица во градот/Фото: Wikipedia

Удшолт е една од преживеаните од тоа време. Таа се криела со нејзината мајка и неколку други во сено.

- Германците патролираа цело време, а јас многу зборував. Беше опасно. Еден рибар ја праша мајка ми дали може да одам дома со него. Мајка ми му дозволи, но под услов да ме врати - раскажува таа

Удшолт го поминала остатокот од војната во Гилелаје како едно од 135. еврејски деца скриени во Данска и заштитени од германските војници од локалното население.

Слични храбри постапки се случувале по должината на целиот брег во текот на октомври 1943 година.

- Гилелаје треба да биде горд што и покрај тоа што е многу мал, успеа да постигне толку многу. Треба да се гордееме со духот на овој град - вели Удшолт.

Извор: ВВС
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот