Многу италијански градови во последниве години ги намамуваа купувачите со понуди за куќи за едно евро со цел да ја оживеат областа. Но многумина прашуваат која е тајната?
Веројатно веќе сте виделе разни понуди, огласи и статии за италијанските куќи што се продаваат за едно евро. Дури и најскептичните меѓу нас не можеа да одолеат да кликнат и да видат за што станува збор, а можеби дури и помислиле да купат.
Во изминативе неколку години многу италијански градови се обидуваат да го зголемат бројот на населението и да внесат нов живот во напуштените улици. Камени куќи во зеленило и мирен живот, или враќање кон корените е желба на многумина.
На пример, американската актерка Лореин Брако, која ја паметиме по улогата на психијатарот на Тони Сопрано од серијата „Сопранови“, е една од оние што ја искористија можноста и купи евтина куќа за да се врати во својата татковина.
Градот Кастиљоне ди Сицилија (познат и како град на виното) минатиот месец објави продажба на дури 900 напуштени куќи. Цената на една куќа е до 5.000 евра.
Но многумина прашуваат која е тајната? Зошто една куќа во прекрасен рурален дел на Италија, со поглед на море, би чинела толку малку?
Постојат многу причини поради кои една куќа чини едно евро
Првата причина е што не можете само да купите куќа и да не ја реновирате. Купувањето на куќите доаѓа со одредени услови и во зависност од тоа кое место ќе го изберете, можете да бидете пријатно изненадени или целосно разочарани.
Како прво, мора да ги реновирате овие евтини куќи. Повеќето куќи ќе ве чинат многу повеќе од
едно евро затоа што им треба темелно реновирање: од покриви и подови, ѕидови, фасади, до воведување струја и вода. Главно станува збор за стари овчарски куќи кои не се користеле со децении, па биле оштетени од влага и се покриени со вегетација.
Вториот услов честопати е поврзан со рок: властите ви даваат најмногу три години за да го извршите реновирањето на куќата. Кога купувате, исто така давате депозит од околу 5.000 евра, кој подоцна ќе ви биде вратен, а мора да платите и административни трошоци.
Некои што купија куќа велат дека трудот се исплаќа - локалните власти им помагале во текот на целиот процес, а крајната цена сепак ги задоволила. На крајот на краиштата, куќата е едно евро.
Други велат дека по долго пребарување и десетици прегледани куќи (поточно урнатини) заклучиле дека повеќе би сакале да купат пристојна куќа за повеќе пари, со подобра сообраќајна поврзаност и да направат минимални поправки.
Но, може и да се изненадите кога ќе сфатите дека едно евро е само почетната цена и дека куќата е всушност на аукција. Конечната цена може да ве чини неколку илјади евра, што повторно не е лошо, но ве чека многу работа и мајстори кои треба да ги платите.
Ако планирате да живеете во куќата, ќе ви треба работна дозвола, а со текот на времето веројатно и италијанско државјанство и познавање на италијанскиот јазик. Имено, за купување на некои куќи услов е да се преселите во местото каде што купувате и таму да живеете и работите, односно да почнете бизнис.
Можеби мислите дека бирократијата и документацијата ќe ви создадат главоболка, но многу клиенти велат дека тоа воопшто не им претставувало проблем. Процесот на аплицирање е едноставен, сите потребни документи може да се најдат на интернет, а најхрабрите успеале да го поминат процесот без воопшто да одат во Италија.
Сега им останува преселување или пензионерските денови да ги поминат под сонцето, покрај морето, а можеби и со италијанско државјанство.
Фото: Screenshot/YouTube