X
 20.06.2024 Живот

Во Италија отворена плажа која била уништена од вулканска ерупција пред 2 илјади години

Античката плажа, која била уништена од ерупцијата на Везув пред речиси 2.000 години, е повторно отворена за јавноста по реновирањето.

Се верува дека плажата во археолошкиот парк Херкуланеум, е местото каде што повеќе од 300 мажи залудно се обидувале да се спасат од природна катастрофа во 79 година од нашата ера, додека чекале помош од силите на цивилната одбрана предводени од адмиралот и познат римски научник Плиниј Постариот.

Плажата е повторно отворена за јавноста по неколкугодишни археолошки ископувања и реставраторски работи, при што биле откриени човечки остатоци и други докази за ерупцијата.

-Тоа не беше само реставраторска, туку и голема истражувачка работа, бидејќи знаеме дека репрезентацијата на локалитетот на отворен археолошки локалитет значи и можност за навлегување во научните аспекти. Извршивме ископувања и ги најдовме остатоците и минувањето на пирокластичните текови што го погодиле градот во 79 година од нашата ера, со материјали од секаков вид – рекол директорот на Археолошкиот парк Херкуланеум, Франческо Сирано.

Најважното откритие во Херкуланеум е она на „последниот бегалец“: скелет на маж на околу 40 години кој веројатно се обидувал да побегне кон морето и кој со себе имал торба со она што за него било највредно.

-Херкуланеум, Помпеја, Оплонтис, работиме на многу проекти. Во законот за буџет рефинансиравме ископувања и има градилишта кои се активни како никогаш досега и откриваат нови богатства, што ја поттикнува активноста на научниците. Ние веруваме во сето ова, во создавање, поврзување, зајакнување на оваа област која УНЕСКО, исто така, ја призна како голема вредност, а и која е една од најважните археолошки области во светот, затоа што сме убедени дека тоа ќе биде можност за социо-економски развој – истакнал италијанскиот министер за култура Џенаро Санџулијано.

Извор: klix.ba

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот