Данска е првата земја што почнала да ја користи оваа апликација и забележала големо зголемување на бројот на пациенти со срцев удар што преживеале.
Доколку имате инфаркт во Данска, можеби личноста што ќе ви го спаси животот нема да биде медицинско лице од итната помош, туку вашиот сосед. „
Хартранер“ (англ. Heartrunner) е апликација која ги води волонтерите до лице што има срцев удар, притоа нудејќи насоки за давање прва помош додека не пристигне итната помош.
Данска е првата земја што ја користи апликацијата на национално ниво. Податоците од нејзиното користење досега покажуваат дека таа спасува животи.
Апликацијата функционира на тој начин што кога ќе се добие повик за срцев удар, диспечерот од брза помош поставува барање за помош од граѓанин преку апликацијата, а праќа и амбулантно возило.
Потоа диспечерот му се јавува на волонтерот што се пријавил да помогне, а се наоѓа најблиску до пациентот, и го води до најблискиот автомат за автоматски надворешен дефибрилатор, кои ги има на многу јавни места. Диспечерот му дава насоки на волонтерот и како да даде прва помош кога ќе пристигне во домот на лицето.
Според анализа поставена на веб-страницата на апликацијата, волонтерите стигнале до пациентот побргу од брзата помош во 47% од случаите, а нивната брза реакција ги зголемила шансите за преживување на многу пациенти.
Во САД има слична апликација, „Пулс поинт“ (англ. Pulse Point), но таа сè уште не била прифатена од локалните агенции за јавно здравје. Во Данска претходно била создадена апликација што на сличен начин ги поврзува корисниците со други корисници што имаат проблеми со видот, а на кои им е потребна помош.
Автор: Џесика Рендал
Извор:
cnet.com
Фото: Freepik