X
 25.12.2024 Здравје

Обилните оброци по 17 часот може да придонесат за дијабетес тип 2

Експертите велат дека поради метаболичките и хормоналните фактори, важно е вечерата да биде најлесниот оброк во денот: помалку јаглехидрати, повеќе здрави масти и протеини и без десерт. Избегнувањето обилни оброци по 17 часот и грижата за постојан, квалитетен сон може многу да придонесат за балансирање на апетитот и метаболизмот на гликозата, додаваат научниците.

Како што се приближуваат празниците и почнуваат големите оброци, една студија посочува дека повеќето од нас треба да избегнуваат големи оброци подоцна во текот на денот. Студијата, спроведена од тимови од Универзитетот „Оберта де Каталуња“ во Барселона, Шпанија, и Универзитетот „Колумбија“, Њујорк, сугерира дека консумирањето повеќе од 45 отсто од дневниот внес на калории по 17 часот може да биде поврзано со нетолеранција на гликоза, особено кај постарите возрасни со преддијабетес или ран дијабетес тип 2. Ова, со текот на времето, може значително да му наштети на здравјето, што доведува до поголем ризик од развој на дијабетес тип 2, поголем кардиоваскуларен ризик и хронично воспаление. Една нова студија сугерира дека без оглед на тежината на една личност или вкупниот внес на калории, времето на оброците може да има значителни последици врз метаболизмот на гликозата.

Резултатите од студијата, во која имало 26 учесници на возраст меѓу 50 и 75 години, кои биле со прекумерна тежина или дебели, како и преддијабетес или дијабетес тип 2, покажале дека оние што јаделе доцна имале значително повисоки нивоа на гликоза во крвта по 30 и 60 минути, што укажува на помала толеранција на гликоза (шеќер).

Д-р Нејт Вуд од Медицинскиот факултет при „Јејл“, кој не бил вклучен во студијата, објаснува дека доцните оброци може да придонесат за зголемување на телесната тежина поради едноставниот факт што повеќето луѓе се многу помалку активни навечер и неактивни за време на спиењето.

- Проблемот е што внесуваме калории во време кога на нашиот организам не му се потребни - изјавил д-р Вуд.

Д-р Поја Шафипур, лекар за семејна медицина и дебелина од Санта Моника, Калифорнија, кој не бил вклучен во студијата, објаснил дека телото е многу поотпорно на инсулин во текот на ноќта поради деноноќниот ритам. Во текот на денот има поголемо лачење на инсулин и зголемена активност на панкреасот.

Како треба да изгледа идеален оброк за вечера

Ова веројатно не е најпопуларното прашање и тема за време на празниците, но вечерата треба да заврши како најлесниот оброк, советува д-р Шафипур.

Ова значи помалку јаглехидрати – избегнувајте тестенини, пире од компири, ориз – и уживајте во помалку десерти и алкохол. Вечерата треба да се состои од здрави извори на протеини и некои здрави извори на масти и салата. Оптимално би било да избегнувате десерти, алкохол, секаков вид рафиниран шеќер, бел ориз, бел леб, компири, дури и многу овошје, бидејќи овошјето содржи шеќер фруктоза.

Како спиењето влијае на метаболизмот на гликозата

Рамнотежата помеѓу спиењето и консумирањето храна е важна за метаболизмот и здравјето воопшто. Бидејќи спиењето е многу важно, д-р Вуд вели дека постојаната шема секоја вечер е најважниот фактор.

- На повеќето возрасни луѓе им требаат 7 до 8 часа сон секоја вечер. Помалку или повеќе од тоа може да има негативни ефекти врз нашето здравје – истакнува д-р Вуд.

Се препорачува да легнувате секоја вечер во исто време. За време на викендите, отстапувањето може да биде половина час или најмногу еден час.

Д-р Шафипур објаснува дека хормоналните промени што се случуваат за време на спиењето имаат значително влијание врз апетитот во текот на денот:

 

- Сонот е многу важен бидејќи хормонот лептин, кој го потиснува апетитот, се лачи и го достигнува својот врв по 6 или 6 и пол часа сон. Значи, оптималниот распоред за спиење за просечниот возрасен човек би бил помеѓу 7 до 8 часа за да добие доволно лептин и грелин, хормоните на апетитот. Така, ако спиеме помалку од 6 и пол часа, ќе забележиме дека сме погладни во текот на денот.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје