Универзитетскиот професор Дејан Мираковски победи на изборите што се организираа за нов ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Професорите од наставно-научните совети на сите факултети во рамките на УГД гласаа денеска од 12 до 14 часот.
Според првичните, неофицијални информации од сите изброени гласови, проф. д-р Дејан Мираковски има освоено 769,8 поени, проф. д-р Винета Сребренкоска 543,1 поени, проф. д-р Емилија Јаневиќ-Ивановска 508,12 поени, проф. д-р Зоран Панов 477,64 поени, проф. д-р Владо Гичев 291,52 поен и проф. д-р Татјана Пачемска 209,41 поени.
Според моделот на избор, гласовите од факултетите се претвораат во поени кои подоцна се додаваат на кандидатите и оној што освоил најмногу поени е избран за ректор.
Новиот ректор има мандат од три години. Мираковски ќе биде третиот ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, претходно ректори беа Саша Митрев и академик Блажо Боев.
Извор: МИА