X
 27.03.2022 Наша тема

Не ја познаваме и препознаваме сопствената земја

Многу често ми се случува да ми пишуваат, да ме прашуваат зарем оваа убавина се наоѓа во нашата земја, или како може да се пристигне до одредена дестинација која веќе сум ја презентирал, вели Оносимоски, автор на патописи од Македонија

Дарко Оносимоски од Гостивар е етнолог и професор по географија, добитник на многубројни пофалници, признанија, уверенија, како и неколку дипломи за освоени 3. места на државни натпревари по географија. Негова најголема пасија е планинарењето, кое за него претставува и задоволство и издувен вентил од секојдневните обврски. Тој е и автор на голем број патописи преку кои сака да ја прикаже и долови убавината на Македонија. Исто така, редовно учествува на натпревари по географија со неговите ученици, каде што добивал награди за првите три места како на општинско така и на државно ниво.



Оносимоски ги има освоено речиси сите повисоки планински врвови во земјава, но смета дека сè уште постојат многу места и планини што му претставуваат предизвик да ги посети и истражи во иднина. При секое негово патување, планинарење или возењето велосипед не изоставува и да фотографира, најчесто природни пејзажи. Како автор на голем број патописи, кои се објавуваат во различни медиуми во нашата земја и надвор, има впечаток дека недоволно си ја познаваме сопствената земја. Преку фотографиите и текстовите се труди на најинтересен начин да ги презентира убавините на Македонија со цел поширокиот аудиториум да ја запознае и да ја засака сопствената земја. Тој вели:

- Многу често ми се случува да ми пишуваат, да прашуваат зарем оваа убавина се наоѓа во нашата земја, или како може да се пристигне до одредена дестинација која веќе сум ја презентирал.



Патува секој викенд, но во текот на летниот распуст, кога е послободен, патува почесто, односно секој трет ден посетува некое рурално место или некој планински врв. Иако е од западниот крај на Македонија, неговиот фокус не е само тој регион, туку се стреми да ја презентира секоја педа убавина од нашата земја. Цели кон тоа да фрли светлина на оние места што не се доволно промовирани, валоризирани и познати. Статистички најмногу го посетува регионот на Шар Планина, потшарпланинските села и Полошката Котлина. Покрај големиот број рурални предели што се наоѓаат на непристапни места, има освоено многу врвови, на Осоговските Планини, Беласица, Голак, Скопска Црна Гора, Жеден, Влаина, Кораб, Дешат, Крчин, Добра Вода, Галичица, Стогово, Караорман, Буковиќ, Јабланица, Водно, Китка, Сува Гора, Бистра, Селечка Планина, Малешевски Планини, Злато Планина... Секое патување за него претставува посебна авантура, приказна и доживување бидејќи смета дека постојат многу места што пленат со својата убавина. Најголемо воодушевување за него претставуваат уникатните алпски пејзажи од македонските планини, живописни реки украсени со клисурите и кањоните, глацијалните и тектонските езера, старите манастири, археолошките локалитети, водопадите, пештерите, националните паркови, како и старите заборавени села. За особено интересни ги издвои камените кукли во Кратово, познати како Куклици, или во пијанечкиот крај познати како Кукуље. Но од целото негово досегашно искуство за омилени ги издвојува Горна и Долна Лешница со околните врвови (Плат Среден Камен и Треќа Карпа) и поширокиот предел познат како Јелак на Шар Планина, селото Галичник со врвот Меденица и нашиот највисок врв Голем Кораб.



Смета дека трагањето и истражувањето помалку познати и непознати места потекнува од неговата вродена особина, а тоа е љубопитноста, која е негова главна карактеристика. Неговата љубов кон географијата се родила уште во раното детство, во основното образование кога тој предмет му го привлекол вниманието и го сметал за најатрактивен и најинтересен. Вели дека почнал да црта државни знамиња во неговата детска соба, на шкафче лепел симболи од различни држави од светот и постојано се интересирал за различни природни појави. Го памети својот прв атлас, кој бил на српско-хрватски јазик, и постојано го читал и разлистувал.

Фокус на неговиот интерес била и културата на народите во светот, што смета дека било поттик покрај географија да дипломира и етнологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Желбата за учење и поголемо образование потекнува од неговата семејна традиција. Неговиот татко работел во просвета, а едниот брат, и покрај тоа што е доктор на науки, работи во образование, а другиот брат е профилиран во архитектурата. Самиот како наставник има работен стаж од 14 години, им предава на ученици од осмо и деветто одделение, а како професор во приватното средно училиште предава 2 години, на ученици во сите четири години.



Првите чекори во планинарството ги направил како студент во 2001 година, кога главната цел била да се искачат на Средно Водно и до манастирот „Свети Пантелејмон“ за да добијат потпис во индекс на професорот по физичко.

Преку неговите многубројни текстови, тој има чувство дека врши еден вид наставна дејност и надвор од училницата и дека во одредена мера го буди интересот за посета на некои дестинации кои не се многу комерцијални и познати. Тој смета дека предност треба да им се даде на нашите домашни, културни и уникатни убавини во однос на егзотичните земји. Сепак, и покрај многубројните интересни и убави моменти, вели дека и непријатните случки често се неизбежни, најчесто кога кучињата покрај бачилата, бранејќи го својот простор, ги напаѓаат минувачите.



Како навистина впечатлив момент кој не може доволно да се опише со зборови, за крај тој ни ја раскажа оваа случка:

- Имам една интересна случка кога од тетовското селото Лавце со неколку планинари се упативме до врвот Дупнат Камен на Шар Планина, каде што сретнавме поголема планинарска екипа, тоа не беше ништо невообичаено, но на враќање не ја почекавме групата и продолживме сами како што и тргнавме. Враќајќи се назад, батеријата од мобилниот ми се исклучи, а со тоа снемавме ГПС, па тргнавме сигурни дека го знаеме патот за назад, но го згрешивме правецот. Иако го згрешивме патот, тоа не нè исплаши, планинските боровинки околу нас беа мамка да седнеме да се одмориме и да ги вкусиме. Така го прекинавме муабетот и настана молк. Додека јадевме, се случи еден навистина несекојдневен настан. Во еден момент покрај нас неочекувано кротко помина група од неколку елени и срнички. Во тој момент, додека тие поминуваа, небото го прелетуваа орли. Целиот природен пејзаж надополнет со овие диви животни е незаборавен момент или нереална сцена, едноставно се чувствуваш како составен дел од природата и тоа е фасцинантен и редок момент за мене.


Дарко Оносимоски

Фото: приватна архива
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема