Едно неодамнешно истражување утврди значително зголемување на „синдромот на скршено срце“ во две болници во Охајо кај пациенти што не се заразени со коронавирус, што укажува на тоа дека физичкиот, социјалниот и економскиот стрес предизвикан од пандемијата го зема својот данок.
Кардиомиопатијата предизвикана од стрес или синдромот такоцубо, кој честопати се нарекува „синдром на скршено срце“, се јавува кога срцевиот мускул ослабнува, што доведува до болка во градите и останување без здив.
Сличен е на срцев удар, но е предизвикан од стресни настани, а не од блокади во крвотокот. Во ретки случаи може да биде фатално, но пациентите обично закрепнуваат за неколку дена или недели.
Истражувачите од клиниката во Кливленд ги проучувале пациентите во две болници со срцеви проблеми што биле третирани оваа пролет и ги споредиле со пациенти со слични проблеми во последните две години.
За време на пандемијата пациентите имале двојно поголема веројатност да имаат „синдром на скршено срце“, според истражувањето објавено во медицинското списание „ЏАМА нетворк опен“.
Фото: Pixabay
Истражувањето испитало 1.914 пациенти од пет различни периоди во текот на два месеца, вклучувајќи примерок од повеќе од 250 пациенти хоспитализирани во март и во април, за време на врвот на пандемијата. Било заклучено дека зголемувањето на случаите најверојатно е поврзано со психолошки, социјален и економски стрес предизвикан од пандемијата, кој ги вклучува наметнатиот карантин, недостигот на социјална интеракција, строгите правила на физичко растојание и економските последици.
- Пандемијата создаде паралелно опкружување што не е здраво - вели Анкур Калра, кардиолог кој го водел истражувањето.
- Емоционалното дистанцирање не е здраво. Економското влијание не е здраво. Нашето истражување посочува дека стресната кардиомиопатија се зголемила како резултат на стресот создаден од пандемијата - додава Калра.
Пациентите во студијата биле тестирани за Ковид-19 и ниту еден не бил позитивен.
Главните луѓе од јавното здравје во САД и другите делови на светот го кренаа алармот за влијанието на коронавирусот врз менталното здравје, притоа посветувајќи особено внимание на изолацијата.
Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гребејзус, во мај изјави дека влијанието на пандемијата врз менталното здравје на луѓето е веќе загрижувачко.
Колку е распространета оваа појава?
Истражувањето имало свои ограничувања, особено затоа што било мало. Истражувачите ги анализирале само медицинските досиеја на пациенти во североисточниот дел на Охајо и велат дека се потребни повеќе истражувања за да се утврди дали овие откритија се исти во другите делови на земјата.
Експертот за „синдром на скршено срце“ покрена прашања за методологијата на новото истражување и ги посочи можностите за потенцијална пристрасност.
- Можеби се во право. Не се спротивставувам на хипотезата. Јас се спротивставувам на статистичките методи - вели д-р Џон Хоровиц, професор по кардиологија на Универзитетот во Аделаид, Австралија, кој има објавено повеќе од 20 рецензии за синдромот такоцубо.
- Познато е дека пациентите честопати добиваат синдром такоцубо во моменти на екстремен стрес или за време на природни катастрофи - рече д-р Хоровиц.