X
 08.10.2020 Здравје

Илјадници научници и лекари бараат промена во справувањето со пандемијата

Тројцата познати епидемиолози Сунетра Гупта, Џеј Паташарја и Мартин Кулдорф се сретнале во Масачусетс, САД, за да направат подобар план за справување со пандемијата. Тие предлагаат поинаков пристап од мерките што се преземаат сега, а го нарекле „Фокусирана заштита“.

Како што велат тие, моменталните правила за справување со пандемијата имаат разорни ефекти врз краткорочното и долгорочното јавно здравје. Меѓу другото, тие резултираат со пониски стапки на вакцинација на децата, влошување на состојбата на заболените од кардиоваскуларни болести, помалку прегледи за рак и влошување на менталното здравје.

Овие последици ќе предизвикаат зголемена стапка на смртност во идните години, додека работничката класа и помладите членови на општеството ќе го носат најтешкиот товар. Оставањето на учениците надвор од училиштата е тешка неправда, велат тие.


Фото: YouTube screenshot

Задржувањето на овие мерки додека не се добие вакцина ќе предизвика непоправлива штета, а најранливите групи ќе бидат најоштетени. Според нив, разбирањето на вирусот се зголемува и сега се знае дека коронавирусот е многу поопасен за старите и изнемоштените отколку за младите. Сите земји ќе достигнат колективен имунитет во одреден момент, а тоа можеби ќе биде помогнато од вакцина, но не зависи само од неа. Целта на државите треба да биде да се минимизира смртноста и општествената штета сè додека не се постигне колективен имунитет.

Епидемиолозите препорачуваат да им се дозволи на оние што имаат најмал ризик од смрт од вирусот да продолжат да живеат нормално за да добијат колективен имунитет на вирусот преку природно заразување, а да се заштитат оние со највисок ризик. На ова се базира нивниот пристап „Фокусирана заштита“.

Тие препорачуваат да се усвојат мерки за заштита на ранливите категории како главна цел на министерствата за здравје. На пример, домовите за стари лица треба да работат со луѓе кои веќе имаат имунитет и треба да се прават редовни тестови на сите вработени и посетители. На пензионерите што живеат дома треба да им се доставуваат намирници до домот, а кога е можно, тие треба да се гледаат со нивните најблиски надвор.


Од друга страна, на оние што не се во ранливите групи треба веднаш да им се овозможи да го продолжат животот како порано. Треба да се практикуваат едноставни мерки за хигиена и да остануваат дома доколку не се чувствуваат добро. Училиштата и универзитетите треба да имаат настава во училниците и предавалните. Младите лица треба да работат во канцеларија наместо дома.

Треба да се отворат рестораните и другите бизниси, а уметничките, спортските и културните активности треба да се организираат како порано. Луѓето што се изложени на поголем ризик може да учествуваат во овие активности доколку сакаат, додека општеството што гради колективен имунитет им нуди заштита на ранливите групи.

Епидемиолозите поднесоа декларација во која бараат да се примени нивниот пристап. Декларацијата досега била потпишана од 2.574 научници од областа на здравјето, 3.287 лекари и медицински сестри и 50.101 друг потписник. Потпис на декларацијата може да оставите овде. 


Извор: upherd.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје