X
 26.05.2020 Здравје

Како повеќемесечното седење дома влијае врз нашиот имунитет?

Во текот на изминатите два и повеќе месеци голем дел од светската популација беше затворен во своите домови излегувајќи само по набавки. Иако тоа ги намали изгледите за изложеност на коронавирусот, можеби имаше и нешто помалку очигледно влијание врз нашиот имунолошки систем така што станавме почувствителни на други инфекции.

Луѓето на оваа планета еволуирале со 24-часовни циклуси на светлина и мрак, а нашите тела се прилагодиле да работат во партнерство со сончевата светлина. Еден од најочигледните примери за тоа е создавањето на витаминот Д во нашата кожа како одговор на изложеноста на ултравиолетовите зраци. Тие дневни дози на витамин Д помагаат во зајанувањето на нашите коски и заби и влијаат врз нашите имунолошки клетки.

Витаминот Д им овозможува на макрофагите во нашите бели дробови, првата линија на одбрана против респираторни инфекции, да излачуваат антимикробен пептид со име кателицидин, кој директно ги убива бактериите и вирусите. Витаминот Д исто така поттикнува активност и на други имунолошки клетки, како што се Б и Т клетките, кои се задолжени за долгорочен одговор. Луѓето со ниско ниво на витамин Д се во поголем ризик од вирусни инфекции на респираторниот тракт, на пример грип.

Истражувачите сега проучуваат дали може надоместоците од витамин Д да го намалат ризикот од некои тешки компликации поврзани со Ковид-19. На почетокот на мај, Роуз Кени, геронтолог од колеџот „Тринити“во Даблин, заедно со колегите објави податоци кои посочуваат дека европските популации со најголеми стапки на смртност од Ковид-19, како Шпанија и Италија, имаат најниско ниво на витамин Д. Тоа можеби звучи нелогично, со оглед на сончевата клима, но се смета дека промените во начинот на живот ги натерале луѓето да минуваат повеќе време дома, што во комбинација со поголемата употреба на лосиони за сончање во овие земји, може да е одговорно за пониските нивоа на витамин Д.

Иако и други фактори исто така можат да помогнат во објаснувањето на високата стапка на смртност од Ковид-19 во тие земји, постои силен доказ за поврзаноста меѓу витаминот Д и имунолошките патишта за кои знаеме дека се вклучени во Ковид-19 и особено жестоките одговори на болеста, смета Кени. Прво, се чини дека витаминот Д го намалува нивото на биохемиски соединенија кои предизвикуваат воспаление наречено интерлеукин-6, кое е поврзано со потешкотии во дишењето. Витаминот Д исто така ја менува достапноста на истите АЦЕ2 рецептори на клетките од белите дробови кои вирусот ги користи за да влезе во клетките и да предизвика инфекција. Ако витаминот Д веќе ги променил тие рецептори, тогаш на вирусот би можело да му биде потешко да најде сигурна позиција во телото.

Фото: Pixabay

Иако за потврда на ова заштитно влијание се потребни контролирани испитувања, Кени сугерира дека возрасните би требало да размислат за дополнителни табелти на витамин Д за време на оваа криза. Но, постои силен аргумент за стекнување на оваа доза на витамин Д со престој на отворено бидејќи некои рестриктивни мерки во многу земји се укинуваат - особено затоа што тоа може да носи и други бенефити.

Иако нема научни податоци кои би докажале дека редовното вежбање нѐ прави помалку подложни на заразата со Ковид-19, разни студии покажаа дека ја зајакнува нашата одбрана против другите вирусни инфекции како што се грипот и обичната настинка.

-Знаеме дека луѓето го користат вежбањето за да го ублажат стресот и јасно е дека високото ниво на хроничен стрес не е добро за нашиот имунолошки систем. Значи, ако можеме да го намалиме нивото на стресот со активност, тогаш тоа ќе има позитивно влијание врз здравјето - истакнува Нил Волш, кој на Универзитетот „Џон Мурс“ во Ливерпул го истражува влијанието на вежбањето врз имунолошкиот систем.

Ако можеме да вежбаме во парк, шума или друга зелена површина, уште подобро. Голем број студии утврдија дека одењето во природа, дури и градски парк, го намалува срцевиот ритам и притисокот и го нормализира лачењето на хормонот на стресот, кортизолот. Долгорочно, живеењето во близина на природа е поврзано со намален ризик од кардиоваскуларни болести, дијабетес тип А и прерана смрт.

Можно е и дрвјата директно да влијаат врз нашиот имунолошки систем - неколку студии посочија дека престојот од неколку дена во шума резултира со зголемен број и активност на природните клетки-убијци - имунолошките клетки кои помагаат во откривањето и уништувањето на клетките на вируси и рак во нашата крв. Јапонските научници посочуваат дека вдишувањето на соединенија наречени фитонциди, кои ги ослободуваат дрвјата, би можело да биде корисно. Се покажало дека фитонцидите ја менуваат активноста на природните човечки клетки-убијци кога се надвор од телото, но потребна е дополнителна работа за да се потврди дали нивното вдишување го има истиот ефект.

-Во пракса мислам дека тие различни патишта веројатно делуваат во синергија. Фитонцидите може да бидат важни, но веројатно би требало некое време да бидете целосно опколен со природа за да се искористи тој благодет, додека психолошките бенефити како опуштањето и намалувањето на стресот ќе биде полесно да се добијат - вели Кетрин Вард Томпсон, коавторка на студија на Светската здравствена организација за урбаните зелени површини и здравјето.

Престојот на отворено може и да го подобри квалитетот на нашиот сон. Времето кое сме го поминале дома поради карантинските мерки можело да ги поремети нашите еднодневни биолошки циклуси, бројните биолошки процеси, па и спиењето. Нашите еднодневни биолошки циклуси обично се синхронизираат или прилагодуваат во текот на денот кога престојуваме на отворено, преку дејствување на силна светлина врз група клетки чувствителни на светлина во дел од окото. Тие очни клетки комуницираат со мозочните ткива наречени супрахијазматски јадра и кои се главен часовник во нашето тело.

Фото: Pixabay

-Светлината во затворениот простор обично е прениска за да поттикне прилагодување, па ако некој цела недела остане дома, тие ритами може да се пореметат и да предизвикаат пореметување на спиењето – истакнува истражувачката Маријана Фигуеро.

Нејзините истражувања покажуваат дека канцелариските службеници кои се изложени на посилна светлина во текот на утрото, да речеме во текот на пешачењето кон работното место, послесно заспиваат навечер и имаат помалку пореметувања на сонот во споредба со оние кои биле изложени на послаба светлина.

Изложеноста на силна светлина во текот на утрото исто така има позитивно влијание врз расположението на луѓето и може да помогне во заштитата од депресија. Тешко е да се каже колку време е потребно да се помине на отворено за да ги искористиме овие благодети. Иако утринската светлина е особено важна за синхронизација на циркадијалниот ритам, оптималната синтеза на витамин Д се случува околу пладне, кога сончевите ултравиолетови зраци се на врвот.

Значи, ако карантинските услови го овозможуваат тоа, би требало да настојувате да излезете на отвворено барем еднаш дневно, држејќи социјална дистанца. Сончевата светлина и природата се моќни исцелители. И тоа бесплатни. Користете ги.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје