X
 13.08.2018 Култура

Најпознати легенди за мистични места

Низ историјата човештвото честопати било поттикнато од приказни за митски места, градови и рај обвиткан во тајни, изгубен во песоците од времето. Овие легендарни локации биле присутни во сите големи културни истории. Некои служеле како алегорија за просперитетни и мирни времиња, а други како места за откривање и освојување.

Додека филозофите ткаеле приказни за изгубените градови, античките народи сонувале за места што промовирале утописки живот. Некои луѓе и понатаму веруваат во нив.

Ова се седумте најпознати митски места во светот.

Атлантида

За разлика од многу приказни чиј изглед бил изгубен низ историскиот запис, за Атлантида точно знаеме кој и кога ја измислил приказната. Првпат била раскажана од Платон околу 330 година пр.н.е., во два од неговите дијалози, „Тимеус“ и „Критиас“. Утврдено е дека не постоел запис за Атлантида пред овие текстови и дека Платон ја создал Атлантида како место за неговите приказни.

Потонатиот град Атлантида имал неверојатно моќна цивилизација, софистицирана, богата и основана од полубогови. Бил составен од многу концентрични острови со егзотични растенија и животни. Платон ги користел луѓето како пример за тоа што доживува една нација кога ќе потпадне под влијание на гордоста.

И покрај тоа што оваа приказна е чиста фикција, многу луѓе низ милениумите го барале ова митско место, а било и инспирација за книга напишана од политичарот Игнатиј Л. Донели од Минесота, во 1882 година. Тој верувал дека Платон сметал дека Атлантида е вистинско место. Продолжил да ги објаснува историите на ова место и тврдел дека владеело со големи делови на светот, а дел од теоријата вели дека сите древни цивилизации потекнуваат од оваа земја.

Авалон

Гластонери, град во Англија, добро познат по своите неопагански верувања и локалните артурски легенди, некогаш се сметал за локација на легендарниот, идиличен и изгубен рај Авалон. Авалон првпат бил споменат во 1136 година во „Хисторија Регум Британиае“ од Џефри Монмаут. Според легендата, островот бил управуван од Морган Ле Феј, волшебничка која го излекувала кралот Артур после битка.

Мистичната земја некогаш се нарекувала и Островот на Јаболката бидејќи се сметало дека била покриена со диви лози и шуми од јаболкници. Нејзините жители биле бесмртни, а ова било место и каде што бил поставен големиот меч Екскалибур. Ова волшебно место е местото каде што почивало телото на кралот Артур.

Аркадија

Стотици години пред времето на Платон, древните Грци го замислувале местото Аркадија. Оваа рана визија за утопија е исто така име на регион во денешна Грција. Во античката митологија Аркадија било место со прекрасна природа. На ова место живеел Пан, бог на шумата, кој живеел со своите нимфи и сатири во бесконечен хедонистички рај. Ова било место каде што живееле суштества многу поголеми од луѓето.

Аркадија останала популарна муза за уметниците. Сите дејствија во песните на Овидиј и Вергилиј се сместени токму во овие исконски шуми.

Ел Дорадо

Ел Дорадо започнал како приказна за кралот наречен „Позлатениот“. Се сметало дека тој бил кралот на Ел Дорадо кој си го позлатувал телото и фрлал раскошен накит во езерото како дел од неговото крунисување. Овие приказни на крајот се претвориле во приказна за кралство, а не за еден човек.

Легендата растела низ годините како што Европејците се ширеле и откривале повеќе за Јужна Америка. Златниот град бил место на нераскажан престиж и богатство што пленело многу авантуристи. Се сметало дека Ел Дорадо се наоѓал веднаш до езерото Гватавита. Кога истражувачите го пронашле езерото, тие го спуштиле нивото на водата и пронашле стотици златни парчиња. И покрај истражувањето и пребарувањето на секој дел од јужноамериканската земја, Ел Дорадо не бил пронајден.

Лемурија

Легендата за Лемурија била раскажана преку приказни многу години пред Атлантида. Многу текстови од исток зборуваат за легендата за земјата наречена Ра-Му. Во некои светски тибетски текстови оваа земја е позната како Мури или Лемурија.

Мадам Блаватски, руски окултист која го коосновала теософското општество во 1875 година, напишала возбудлива приказна за оваа тајна земја. Во нејзиниот текст „Тајната доктрина“ пишува дека во Лемурија живеела трета раса на Лемуријци, а претпоставувала дека постои и Атлантида. Луѓето од оваа земја биле опишани дека имаат четири раце и око на грбот на главата, што го користеле за комуникација едни со други преку телепатија.

Шамбала/Шангри-Ла

Шамбала е санскритски збор што значи „место на мирот“. Ова е древен митски рај што му претходел на тибетскиот будизам. Името првпат било забележано во стиховите на Занг Зунг во западниот дел на Тибет. Според легендата, станува збор за еден вид рај каде што само најчистите можат да живеат во место преполно со љубов и мудрост, место каде што не се старее или страда.

Местото е познато и како Шангри-ла, а низ историјата се среќаваат и други имиња. Понекогаш се нарекувало Забранетата земја, Земја на светли духови и Земја на живите богови. Многу западни луѓе верувале дека е вистинско место, скриено длабоко во тибетските планини. Во будистичките традиции се вели дека со местото владеел идниот Буда наречен Маитреја, а кога светот ќе западне во војна и дегенерација, ќе дојде уште поголема војна, кога кралевите на Шамбала ќе го одбранат светот од „мрачните сили“. По овој период, светот ќе започне да живее во нова златна доба.

Туле

Место на интрига за многу истражувачи, поети, па дури и нацистички окултисти, Туле било место за кое се сметало дека се наоѓа во замрзнатиот север, во близина на Арктикот. Приказната датира од 4 век пред нашата ера, кога грчкиот истражувач Питеја тврдел дека стигнал на леден остров северно од Шкотска.

Многу негови колеги се сомневале во валидноста на неговите тврдења, но легендата за Туле живеела низ вековите. На крајот испаднало дека всушност се работи за Норвешка или Исланд. Митот за островот е најславно поврзан со општеството Туле, организација што се оформила по Првата светска војна, која верувала дека Туле е дом на ариевската раса.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура