Компанијата „Ендијатикс“ од Силициумската долина, која работи во полето на медицинската технологија, го претстави својот револуционерен микроробот, таканаречениот „Пилбот“, односно пилула која им овозможува на лекарите да ја видат внатрешноста на телото на пациентот.
Уредот е за еднократна употреба и е дизајниран така што лекарите со помош на џојстик и поврзување на интернет можат да го „шетаат“ во стомакот за да постават дијагноза и да можат да лекуваат болести во гастроинтестиналниот тракт на пациентот.
Целта на компанијата е да ги подобри и поедностави медицинските процедури во рано откривање на стомачни заболувања.
-Нашата мисија е да ја трансформираме медицинската нега користејќи минијатурни роботи. Се стремиме да развиеме технологии што ги исполнуваат највисоките стандарди за безбедност и ефикасност, но исто така спасуваат животи и значително ги намалуваат трошоците за здравствена заштита - стои на нивната веб-страница.
А како функционира уредот? Сè што е потребно е пациентот тој ден да го прескокне оброкот и да испие чаша вода пред прегледот, а потоа да ја голтне таблетата. Потоа со далечинско управување пилулата се движи во стомакот и пренесува снимка од внатрешноста во живо. Видеото се зачувува за анализа со помош на вештачка интелигенција.
Инаку, роботот има ЛЕД-светла, кои ја осветлуваат внатрешноста на желудникот. Директниот пренос може да трае најмногу половина час, по што регуларно се исфрла од телото.
Роботот се голта лесно, а процедурата за испитување е поедноставна отколку кога станува збор за користење на ендоскоп, уред кој се користи за истата намена.
Она што е интересно е што прегледот може да се направи додека пациентот е дома, што автоматски заштедува време. Дополнително, процедурите за дијагноза што ги изведува „Пилбот“ со технологија за вештачка интелигенција може многу рано да идентификуваат болести како што е рак на желудникот.
Извршниот директор на компанијата, Тори Смит, истакна дека трошоците за материјалите за уредот не се големи и изнесуваат само 35 долари, што е многу прифатливо решение.
Компанијата очекува американската Агенција за храна и лекови (ФДА) да го одобри „Пилбот“ во 2025 година, а за 2026 година се планира комерцијално лансирање, при што компанијата сака да го лансира производот на глобално ниво, особено во земјите во развој, каде што пристапот до лекови е ограничен.
Извор:
forbes.n1info.rs
Фото: Instagram