За седум години 1.200 млади лекари ја напуштиле Македонија. Нашите непосредни контакти во последнава година ни укажуваат дека патот за професионално докажување студентите и младите лекари сè уште го бараат надвор од државата, истакна денеска претседателот на Клубот на млади лекари, Никола Брзанов.
- Очигледно е дека проблемот е системски и потребно е да дејствуваме уште на почетокот на студиите. Клубот беше основан кон крајот на минатата година како иницијатива чија цел е да ги вклучи младите во процесите на одлучување, креирање на политиките во здравството. Клубот на млади лекари се стреми да се бори активно против непотизмот, клиентелизмот и корупцијата во здравството како главна причина за бегството на младите лекари - додаде Брзанов на отворањето на Недела на студенти по медицина во рамките на настанот „Студентите по медицина - Нашите идни лекари“ во организација на Клубот на млади лекари.
Деканот на Медицинскиот факултет, Соња Топузовска, рече дека сме сведоци на сè поголемиот одлив на доктори надвор од границите на Македонија.
- Особено е важно студентите по медицина да се охрабрат дека сè повеќе се создаваат услови за наградување на нивното стручно знаење и вештини и можноста за професионална реализација во сопствената држава, како и враќање на довербата во медицинската професија - додаде Топузовска.
Прес на министерот за здравство Венко Филипче
Фото: МИА
Во врска со заминувањето на младите лекари од државата, министерот за здравство Венко Филипче денеска по прес-конференцијата во Министерството за здравство истакна дека се во секојдневна комуникација со раководството на Клубот на млади лекари.
- Веќе почнуваме да правиме нешто со што имаме што да им понудиме за да останат во Македонија. Сите овие процеси на приближување кон НАТО и ЕУ, процесот на отворање на поглавјата, комуникацијата со нашите партнери во развиените европски земји, тоа што го инвестираме во платите, спроведувањето едукации, сигурен сум дека ќе бидат мотив младите лекари да останат во јавното здравство. Со подобрување на условите во кои работат младите лекари ќе се мотивираат да останат да работат во земјата - додаде Филипче.
Извор: МИА