Матурантите што беа одбиени од факултетите на првиот уписен рок денеска и утре можат да ја искористат втората шанса. Генерално, на сите државни универзитети во земјава има место за првиот циклус на студии. Со донесувањето на новиот закон за високо образование, академската 2018/2019 година ќе почне на 1 октомври.
На државните универзитети и годинава квотите се високи, па не се пополнија сите места во првиот уписен рок, на крајот од август. Годинава има место за вкупно 21.778 бруцоши. Најмногу места има на најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – вкупно 11.661 студент.
На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип годинава има место за 5.037 бруцоши, а на битолскиот ,,Св. Климент Охридски“ во наредната академска година има место за 3.635 студенти.
На Државниот универзитет во Тетово вториот уписен рок е веќе во тек и ќе трае до утре. Отворени се вкупно 3.185 бруцошки места.
На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје вториот уписен рок почнува утре и ќе трае до 18 септември. Има место за 1.445 студенти.