X
 13.09.2022 Живот

Строго доверливите видеа од НЛО ќе ѝ наштетат на националната безбедност ако се објават, вели американската морнарица

Американската воена морнарица има невидени видеоснимки од неидентификувани летечки објекти (НЛО) или неидентификувани воздушни феномени (НВФ), но нема да ги објави јавно бидејќи тоа би ѝ наштетило на националната безбедност, изјави портпаролот на американската морнарица.

Признанието доаѓа како одговор на барањето на Законот за слобода на информации поднесено од страна на владината страница за транспарентност „Блек волт“, која претходно сподели илјадници страници документи поврзани со НЛО добиени преку барањата поткрепени со Законот за слобода на информации доставени до ЦИА и други владини агенции.

„Блек волт“ поднесе барање до американската морнарица во април 2020 година, по само еден ден откако американската морнарица декласифицира три сега озлогласени видеа направени од пилоти на морнарицата на кои се прикажани НЛО кои се движат на навидум невозможни начини. „Блек волт“ побара морнарицата да ги предаде сите други видеа поврзани со НЛО.

По повеќе од две години Владата одговори со писмо во кое го потврди постоењето на повеќе видеа за НЛО и ги одби барањата за нивно предавање поради загриженост за националната безбедност.

- Објавувањето на оваа информација ќе ѝ наштети на националната безбедност бидејќи може да им обезбеди на противниците вредни информации за операциите, ранливоста и/или способностите на Министерството за одбрана/морнарицата. Ниту еден дел од видеото не може да се одвои за објавување - напиша во одговорот Грегори Кејсон, заменик-директор на канцеларијата за слобода на информации.



Кејсон додаде дека морнарицата можела да ги декласифицира трите видеа на НВФ објавени во април 2020 година само затоа што тие претходно протекле во медиумите и веќе биле нашироко дискутирани во јавноста. Морнарицата сметаше дека е можно официјално да се објави снимката без дополнително да ѝ се наштети на националната безбедност, напиша Кејсон.

Интересно е што во својот одговор на барањето на „Белк волт“ американската морнарица не се обиде да го прикрие постоењето на дополнителни видеа за НЛО. Јасно е дека во архивите на американската морнарица има повеќе видеа од необјаснети средби со НЛО, но колку и што покажуваат тие, засега ќе остане тајна.

Сепак, јасно е дека американската војска многу сериозно ја сфаќа потенцијалната закана од НЛО.

Во мај 2022 година Министерството за одбрана одржа јавна расправа за НЛО. На сослушувањето првенствено се разговарало за извештајот на Пентагон од јуни 2021 година, кој откри дека пилотите на американската морнарица пријавиле 144 видувања на НВФ од 2004 година. Неодамна Министерството објави дека ќе добие финансии за да отвори нова канцеларија која ќе се занимава исклучиво со управување со извештаите за забележани НЛО од страна на армијата, морнарицата и воздухопловните сили на САД.

Извор: Livescience.com
Фото:  U.S. Department of Defense
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот