Окарактеризиран како основоположник на македонскиот постмодернизам, Александар Прокопиев, инаку сега пензионер, сè уште меша прсти во Институтот за македонска литература на постдипломските студии по културологија, каде што долго време беше редовен професор. Тој има објавено дваесетина книги. За збирката раскази „Човечулец“ ја доби наградата „Балканика“ во 2012 година.
Опколен од купови разновидни книги и плочи во својот семеен дом во Пајко Маало, кај нашиот познат писател, прозаист и есеист Александар Прокопиев уште како дете се има создадено тој писателско-музички талог, кој подоцна ќе ја одреди неговата професионална определба. Иако бил заразен со читање книги и слушање музика, Прокопиев растел како и секое друго дете од тоа време, играјќи маалски игри на улица. Токму улицата, самиот живот и искуствата свирејќи со низа различни бендови се инспирација за неговото пишување.
- Роден сум во Скопје, ама сум зачнат во Загреб. Моите родители, кои инаку се скопјани, таму студираа, па дури имам и еден расказ за посетата на тоа место каде што сум бил создаден. Таа улица се вика „Гаева“ и отидов таму. Детството го поминав и на десната и на левата страна од реката Вардар. Многу често седев во куќата на дедо ми во Пајко Маало, а моите родители живееја од другата страна на Вардар.
- Тогаш животот беше маалски и детството најчесто го поминував надвор, играјќи со другарчињата, стандардни детски игри, како фудбал, џамлии... Во куќата имаше многу книги и прилично рано почнав да читам, но не бев интровертно дете.
Окарактеризиран како основоположник на македонскиот постмодернизам, Александар Прокопиев, инаку сега пензионер, сè уште меша прсти во Институтот за македонска литература на постдипломските студии по културологија, каде што долго време беше редовен професор. Тој има објавено дваесетина книги. За збирката раскази „Човечулец“ ја доби наградата „Балканика“ во 2012 година. Делата на Прокопиев се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски, хрватски, словенечки, бугарски и на други јазици. Прокопиев активно преведува од неколку балкански јазици. Член е на македонскиот ПЕН и на Независните писатели на Македонија. Тој е уметнички директор на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан.
Од мал заразен со литература и музика, но и со биологија
Пораснат во семејство на интелектуалци, Александар со читањето се заразил од неговиот татко, кој бил архитект. Во раните школски денови Александар имал и друга голема страст, а тоа било биологијата. Заедно со училишниот другар, сега веќе познат кардиохирург Салис Таџер, освојувале награди по натпревари по биологија. Сепак, кога и да го прашале Александар со што би сакал да се занимава кога ќе порасне, тој одговарал – литература или режија.
- Со читањето се заразив најмногу од татко ми, кој беше голем читател, иако беше архитект, а мајка ми беше професор по литература. Од нив ми остана огромна библиотека. За среќа, моето семејство беше и многу музикално. Трајко Прокопиев ми е чичко и јас практично многу рано почнав да свирам на клавир. Во нашата куќа, покрај многуте книги, имаше и огромна колекција на плочи. Тоа повторно се должи на татко ми. Тој сакаше два вида музика. Едната, која веднаш ми легна, беше џезот, а се слушаа и оперски арии.
- Основно училиште учев во „Владимир Илич-Ленин“, а средно во гимназијата „Орце Николов“. На училиште најмногу ме интересираа литература и биологија. Со Салис Таџер освоивме награда по биологија во Загреб и во едно интервју кога нè прашаа: „Што ќе бидете кога ќе пораснете“, Салис кажа доктор, а јас реков дека ќе се занимавам или со литература или со режија. Ние бевме машки клас и често одевме по журки. Целото одделение беше прилично амбициозно. Инаку, за литература бев најдобар, а тогаш почнав и да објавувам во гимназиските весници.
Другарување со Влада Дивљан и свирење со бендовите од кои произлегоа „Идоли“
Не е можно да се разговора со Прокопиев за литературата, а да не се спомене музиката. Тоа доволно кажува за страста што ја има кон свирењето, особено на клавијатури, и колку музиката воопшто му служела како инспирација за пишување. Во средношколските денови свирел во различни рокенрол-групи, пред сè, во Скопје, но и за време на неговите студии во Белград, каде што членувал во составите од кои подоцна ќе се изроди славниот југословенски музички состав „Идоли“.
- Требаше да студирам или во Белград на компаративна книжевност или во Прага на режија. Прага беше скапа, па отидов во Белград, каде што тогаш беше единствената катедра по компаративна книжевност во Југославија. Примаа само 20 студенти. Од тие 20 на крај останаа 11-12, а од тие што отпаднаа, некои станаа многу добри писатели. Во Белград живеев 9,5 години.
- Во втората година од студиите веќе почнав да свирам во групи во Белград. Се сеќавам на клубот каде што почнав, се викаше „Топчидарска ноќ“, каде што во бендот бев најмлад, а потоа свирев во еден многу добар состав, се викаше „Бубамари“, од кои, за жал, никој не е жив освен јас. Живеев како потстанар кај една фамилија Галиќ и излезе дека Владо Галиќ учи со Влада Дивљан во гимназија. Преку нив почнав во бендот „Мерлин“, па се викавме „Звук улице“, а потоа станавме „Дечаци“. Потоа тие го формираа бендот „Идоли“.
Првите мои објави се благодарение на Давид Албахари
Бунтовник во душа, импулсивен, рокер на црно-белите клавиши, но и по природа, Александар често го прикажувал тој немирен дух за време на студиите. Имал постојани дебати со професорите, држејќи до своето мислење, Александар токму за време на студиите во Белград почнал да објавува раскази и статии во тамошните студентски весници, статии кои ќе бидат дел од неговата прва книга „Младиот мајстор на играта“ од 1983 година, која е колекција на раскази.
- На факултет имав одлични професори, но бев многу импулсивен. Рокенролот тлееше во мене. Јас како импулсивец постојано нешто зборував, сè што ќе ми паднеше на памет. Најголема поткрепа тогаш ми даде писателот Давид Албахари. Му пријдов на маса во една кафеана, му кажав дека пишувам и му донесов мој труд. Така, моите први сериозни објави беа благодарение на Албахари. Тој период многу ми влијаеше. Имав среќа што тогаш целиот белградски живот беше динамичен и прекрасен. Почнавме од месни заедници, свиревме, пишувавме и секаде имаше уметници, писатели, музичари. Тогаш почна и постмодернизмот.
Жали што не бил дел од првиот албум на „Идоли“
Александар му рекол збогум на интензивното занимавање со рокенролот кога решил да се запише на постдипломски студии во Белград. Тој жали само затоа што можел уште малку да се врти во тие белградски рокенрол-кругови и, пред сè, жали за пропуштената можност да биде дел од првиот, веќе култен албум на „Идоли“ – „Одбрана и последни дани“.
- Кога бев во војска, решив да одам на постдипломски, благодарение на тие мои објави што ги имав во тој период. Имав сериозен просек на факултетот, но најмногу се запишав бидејќи пишував и објавував. Како постдипломец, пак се амбицирав за книжевноста и бев одличен постдипломец.
- Тогаш им кажав на другите од бендот дека престанувам да свирам со нив бидејќи се запишав на постдипломски и немаше да имам време. Имаше многу планови за групата. Сепак, тогаш го напуштив рокенролот и жал ми зашто можев да останам уште малку. Жал ми е за „Одбрана и последни дани“, првата плоча на „Идоли“. Насловот е според книга на Борислав Пекиќ, што е доказ колку влијаеше литературата врз нас.
Постојано учам од моите студенти
Прокопиев, иако во пензија, редовно си ја одржува пишувачката форма објавувајќи колумни во весници. Сè уште прифаќа жестоки дебати, но овој пат тој во улога на професор, а на другата страна се неговите студенти, и вели дека постојано учи од нив нешто ново.
- Гледам да пишувам редовно, заради тренинг, па дури и колумни во весник. Внимавам да не се опуштам, туку постојано да сум на пишувачки штрек. Кафето и цигарите ми се најголем ритуал, а нормално и животот. Тоа ме мотивира да пишувам, да всадам нови ситуации, ликови, приказни. Мене ме вклучуваат со постмодернизмот, и тоа со право бидејќи тој правец ми даде да си играм со формата и отвореност кон теми.
- Мораш да имаш концентрација во пишувањето. Кога ќе влезеш во некој проект, мора да се посветиш на тоа. Не верувам дека кај нас се живее од пишување. Надвор од земјава, некои автори што лично ги знам живеат од пишувањето. Инаку, за себе никогаш не мислев дека ќе бидам професор, ама ми лежи. Многу од моите студенти се одлични, имаат издавано книги. Учам од нив, дебатираме.
фото: Приватна архива