Компаниите во Европската Унија можат да забранат носење шамии сè додека се работи за општа забрана што не ги дискриминира вработените жени, соопшти денеска највисокиот европски суд во последната одлука по прашањето што со години ја разединува Европа.
Одлуката произлегува од случајот на муслиманка на која кога аплицирала за шестмесечна пракса во белгиска компанија, ѝ било посочено дека не може да носи покривка врз главата на работното место.
Од компанијата тогаш беше појаснето дека спроведува политика на неутралност, што значи дека во нивните простории не е дозволено покривање на главата, без разлика дали е капа или шал.
Жената го обжали таквиот став на компанијата пред белгискиот суд, кој побарал совет од Судот на правдата на Европската Унија (СЈЕ).
Судот на правдата на Европската Унија со седиште во Луксембург смета дека не треба да има директна дискриминација во таквата забрана.
- Внатрешното правило на компанијата што забранува видливо носење религиозни, филозофски или духовни симболи не претставува директна дискриминација, доколку се однесува на сите работници на општ и неселективен начин - велат судиите.
Судот на правдата на ЕУ минатата година процени дека компаниите во Унијата можат да им забранат на вработените жени да носат шамии под одредени услови, доколку целта на тоа е проектирање слика на неутралност кај клиентите.
Во Германија со години се води дебата за забрана за носење шамии за жените на работното место, главно за наставниците во јавните училишта и судските приправници.
Франција, која има најмногубројно муслиманско малцинство во Европа, во 2004 година го забрани носењето шамии во државните училишта.
Извор: МИА