X
 12.08.2022 Живот

Косовската исламска заедница бара да се дозволи носење шамија на училиште

Исламската заедница на Косово (БИК) упати барање до тамошниот премиер Аљбин Курти за дозвола за носење шамии на училиште. Од БИК бараат да се отстрани точката 1.13 од членот 3 од Административната уредба 06/2014, која се однесува на кодот на однесување и дисциплинските мерки за учениците во средните училишта. Барањето предизвика голема дебата во Косово.

-Ова е дамнешно барање на раководството на БИК, нејзините институции и верниците муслимани за отстранување на целата точка 1.13 од членот 3 во Административната уредба 06/2014 бидејќи е дискриминирачка и во неколку случаи имаше обиди за негирање на правото на школување на учениците кои носат шамии со повикување на овој член - истакнаа од БИК.

Членот 3 од оваа Административна уредба се однесува на забранетите нешта за учениците, а точката 1.13 гласи само „Носење верски униформи“.

Курти денеска истакна дека не треба да има забранa за шамиите, но дека треба да има праг и според него тоа треба да е 16-годишната возраст.

-Јас го кажав мојот став, а тоа е дека не треба да има забрани за шамиите и другите верски елементи во јавниот живот на граѓаните. Но, исто така, кажав дека 16-годишната возраст треба да е прагот. Таа е прагот за многу нешта - рече тој.

Во меѓувреме, Блерим Љатифи, професор на Универзитетот во Приштина, на „Фејсбук“ напиша дека на девојчињата во Косово некогаш не им се дозволувало да одат на училиште, потоа ги убивале, а денес, кога се слободни, сакааат да ги покријат и арабизираат, пренесе порталот „Лајми.нет“.

-Ова е трагичната историја на девојчињата од Косово. Некогаш не им дозволуваа да одат на училиште, потоа, во едно друго време, ги труеја на училиште, а потоа дојде времето кога ги убиваа, ги масакрираа и ги злоставуваа и денес, денес на слобода, сакаат да ги зацрнат, да ги покријат, да ги арабизираат, да ги означат дека се сопственост на примитивни мажи - напиша меѓу другото Љатифи.

Тој додаде дека политичарите молчеле затoа што мислат само на власта и гласовите.


Извори: Lajmi | Klan Kosova

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот