X
 23.11.2022 Наша тема

Се печати само неопходното, се исклучува декоративното осветлување и се користат скали - како некои министерства штедат струја

Одговорното однесување со кое се заштедува електрична енергија и притоа не се нарушува сервисната функција на институцијата кон граѓаните ќе продолжи и во следниот период, затоа што тоа е единствениот начин да се придонесе кон напорите на државата за полесно надминување на глобалната економска и енергетска криза, информираат од Министерството за образование и наука

Исклучување на декоративното осветлување во дворот на Министерството за култура. Исклучување на осветлувањето во холот на приземјето, првиот и вториот кат на Министерството за култура во објектот на ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ и на третиот кат во објектот на „Нова Македонија“; да не се користи осветлување во канцелариите за работа во периодот кога има доволно дневна светлина; во сезона на ладење, температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени; Користење скали наместо лифт; кратко и интензивно проветрување на просториите – во зима проветрување пред да се напушти канцеларијата, а во лето рано наутро кога воздухот надвор е свеж; исклучување на светилките кога се напушта просторијата или кога може да се користи дневна светлина; печатење само на оние документи што се потребни и онолку копии колку што е неопходно; да се исклучуваат сите компјутери од страна на секој вработен и надворешно ангажиран соработник по завршувањето на работното време. Ова се дел од мерките за штедење што ги применуваат министерствата, односно конкретно Министерството за култура.

Зградата на Министерството за култура (Фото: Facebook)

Согласно нацрт-записникот од 69. седница на Владата на Македонија, одржана на 16 август 2022 година, министерствата презедоа низа активности. А како што информираат, веќе има и видливи резултати од штедењето, односно пониски сметки.

- Министерството за култура донесе План за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија во Министерството за култура за период од 1.9.2022 до 31.3.2023 година и однесување на вработените во Министерството за култура. Со овој план се пропишуваат начинот и мерките што треба да се преземат во текот на работниот процес за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија во Министерството за култура, за двата објекти што ги користи, на ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“, бр.61 – Скопје и во поранешна „Нова Македонија“. Поради настанатите состојби поврзани со енормниот пораст на цената на електричната енергија на регионалните пазари, се задолжуваат вработените и ангажираните надворешни соработници во Министерството за култура да ги применуваат мерките за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија во Министерството за култура. Исто така, ве информираме дека Министерството за култура до сите институции од областа на културата го достави нацрт-записникот од 69. седница на Владата со сет на препораки и задолженија за намалување на електричната и топлинската енергија во РСМ, за безбедна зима - информираат од Министерството за култура.

Министерството за култура, исто така, побара од сите установи од областа на културата да изработат план за намалување на електричната и топлинската енергија за 15 проценти на месечно ниво и истиот да го достават до Министерството за култура.

Во врска со другите наши прашања, околу овозможено флексибилно работно време, работа од дома или, пак, скратено работно време, Министерството за култура информира дека ги следи состојбите со енергетската криза и во наредниот период ќе преземе и дополнителни мерки, ако за тоа има потреба.

Како што нѐ информираа од Министерството за образование и наука, постигната е заштеда на електрична енергија од 35 отсто во септември 2022 година, споредено со истиот месец минатата годна.

- Овој септември, според доставената фактура од добавувачот на електрична енергија, МОН потрошило 29 илјади и 700 kwh, додека во септември 2021 година се потрошени речиси 46 илјади kwh. Податоците потврдуваат дека вработените во МОН целосно ги почитуваат и применуваат препораките на Владата за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија. Одговорното однесување со кое се заштедува електрична енергија и притоа не се нарушува сервисната функција на институцијата кон граѓаните ќе продолжи и во следниот период, затоа што тоа е единствениот начин да се придонесе кон напорите на државата за полесно надминување на глобалната економска и енергетска криза - информираат од Министерството за образование и наука.

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера ја презентира анализата за заштеда на електрична енергија во септември споредено со истиот месец минатата година од страна на сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија. Според анализата, остварена е вкупна заштеда од 24% на потрошувачката на електрична енергија.


Бектеши истакна дека сите институции во октомври имале најмалку 15 отсто помала потрошувачка на електрична енергија, а најголема заштеда имало во зградата на МОН - до 58%. Најмала била заштедата кај Министерството за здравство (18%), заштедата во Владата е 32%, во Собранието е 22%, во Кабинетот на претседателот 24%, во административната зграда на ЕСМ е 25% и во МЕПСО 22%.



- Ако се земат предвид податоците вклучително на сите државни претпријатија, агенции и управи, тогаш вкупната заштеда на електрична енергија изнесува 24%. Согласно податоците, потрошувачката на електрична енергија само на министерствата сумирана заедно со сите единици што се во рамките на надлежностите под одредено министерство е намалена за 33%. Министерството за образование има постигнато најмала заштеда на електрична енергија од 24%, а најголема заштеда има постигнато Министерството за животна средина од 94%. Заштедата на електрична енергија кај Министерство за информатичко општество изнесува 50%, кај Министерството за локална самоуправа 58%, во Министерството за транспорт и врски и Министерството за финансии заштедата изнесува 44%, кај Министерството за труд и социјална политика 40%, Министерството за економија заштедило 30% електрична енергија, исто толкава е заштедата на Министерството за внатрешни работи - истакна Бектеши.


Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема