X
 13.11.2019 Култура

Издавачката куќа ТРИ одбележува 20 години постоење

Овој месец издавачката куќа ТРИ одбележува значаен јубилеј – 20 години присуство на издавачката сцена во Македонија. Во текот на целиот месец тие имаат многу изнeнадувања за читателите, значителни попусти, акции и промоции. Ќе ја промовираат специјалната едиција од 20 НАСЛОВИ, кои во изминатите 20 години оставија најсилен печат во нивната работа и воопшто на македонската книжевна сцена. Оригиналниот дизајн на кориците за оваа едиција е изработен од еден од најдобрите автори во нашата земја, Зоран Кардула.

Деновиве ќе бидат промовирани првите десет наслови од специјалната едиција: „Последниот чај“ од Винка Саздова, „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, „Папокот на светот“ од Венко Андоновски, „Се гледаме на врвот“ од Коста Петров, „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева, „40 правила на љубовта“ од Елиф Шафак, „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков, „Сапиенс“ од Јувал Ноа Харари, „Лидер без титула“ од Робин Шарма и „Платформа“ од Мишел Уелбек.

rodenden

Приказната на ТРИ почнува на 23 ноември 1999 година, според визијата на нејзиниот основач Винка Саздова. Издаваштвото полека станува секојдневје на целото семејство Саздови и прераснува во семеен бизнис, кој денес го водат тројцата синови. Во 2003 година е отворена првата книжарница на ТРИ кај италијанската амбасада во Скопје. Истата година ја отвораат и првата интернет-книжарница www.kniga.mk – денес една од водечките страници за продажба на книги. Во 2005 година почнува со работа кафе-книжарницата во ГТЦ, а во 2016 година – книжарницата во Дебар Маало, во чија близина се наоѓа и Редакцијата на ТРИ. На 9 октомври беше отворена и четвртата книжарница, во ТЦ „Зебра“ во Капиштец. Издавачката куќа ТРИ денес има 17 вработени.

Во изминатите две децении ТРИ објави повеќе од 1 000 наслови, во над 1 милион примероци. Апсолутни рекордери во продажбата се „Последниот чај“ од Винка Саздова (14 изданија), „Се гледаме на врвот“ од Коста Петров (14 изданија), „Калуѓерот што го продаде своето ферари“ од Робин Шарма, „Папокот на светот“ од Венко Андоновски (добитник на престижната регионална книжевна награда „Балканика“). Со логото на ТРИ се објавени значајните дела „Македонија е сè што имаме“ од Киро Глигоров, како и „Тунел“, последниот роман од Петре М. Андреевски. Во Клубот на читатели на ТРИ членуваат над 20.000 читатели. Тимот на ТРИ им благодари за довербата и посветеноста и ги поканува заедно да го одбележат овој значаен јубилеј.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура